• петок, 05 декември 2025

Зајакната економска соработка со Мароко и поддршка за глобални иницијативи, најавија Муцунски и Бурита

Зајакната економска соработка со Мароко и поддршка за глобални иницијативи, најавија Муцунски и Бурита

Скопје, 21 јули 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со шефот на дипломатијата на Кралството Мароко, Насер Бурита, најавија продлабочување на билатералната соработка, со фокус на економијата, обновливата енергија, туризмот и инфраструктурата.

На денешната официјална средба во Скопје, прва на министер за надворешни работи на Мароко на државава, двајцата министри потпишаа неколку меморандуми и соопштија дека изразиле интерес за воспоставување директни летови меѓу двете земји – чекор кој се очекува да го олесни поврзувањето и трговската размена.

-Разговаравме за продлабочување на политичкиот дијалог и развој на партнерство во делот на економијата, туризмот, културата, инфраструктурата. Особено внимание посветивме на економската соработка, обновлива енергија, автомобилската индустрија, логистиката и туризмот. Истакнавме интерес за воспоставување на директни летови како чекор кон подобро поврзување. Денеска потпишавме неколку меморандуми, како конкретен исчекор кон поинтензивна соработка, изјави министерот Муцунски, нагласувајќи дека денешната посета е почеток на ново поглавје во билатералните односи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Муцунски подвлече дека Македонија и Мароко споделуваат заеднички стратешки вредности.

-Споделуваме заеднички стратешки вредности и тука го гледам односот кој што Мароко го има со ЕУ – организација од која ние сакаме да станеме дел – но и добрите односи кои Мароко ги има со САД и Обединетото Кралство, две земји со кои ние споделуваме стратешко партнерство. Од една стратешка, геополитичка гледна точка, споделуваме многу заеднички вредности. Но, билатералните односи се многу повеќе од политиката – тие треба да значат и конкретна придобивка за нашите бизниси и за нашите граѓани. Затоа следна тема која што ја отворивме ќе биде во Мароко да одржиме бизнис форум каде што ќе донесеме претставници од бизнис заедницата од нашата држава да се сретнат со тамошната бизнис заедница и да видат кои се заедничките вложувања што можат да се направат и кои се потенцијалите во трговската соработка, рече министерот.

Мароканскиот министер за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници, Насер Бурита, ја оцени посетата како историска, бидејќи е прва официјална посета на марокански шеф на дипломатија во Македонија.

-Оваа посета има посебна вредност и симболика. Таа е важна станица во динамиката на нашите односи кои бележат голем напредок во последните години,  рече Бурита, додавајќи дека се бележи раст од 58 проценти во билатералната трговија во првиот квартал од 2025 година.

Тој ја нагласи и важната улога на земјава во регионалната безбедност и нејзината позиција во рамките на ЕУ и НАТО.

Министерот Бурита, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека Мароко има стратешка позиција и игра важна улога во безбедноста на регионот, вклучително и на Балканот, благодарение на активната дипломатија поддржана од кралот Мухамед Шести. Тој истакна дека земјата е стабилен партнер на ЕУ, со сè поголеми економски врски и интереси, и дека има значајна улога во решавањето на прашањата на Блискиот Исток, особено во односите меѓу арапските земји и Палестина.

-Мора да се најде трајно и одржливо решение со две држави – со Палестина која што ќе биде со главен град Ерусалим, и, исто така, втора држава Израел, рече Бурита, додавајќи дека Мароко секогаш се стреми кон позитивни решенија кои ги почитуваат правата на сите граѓани.

Двајцата министри ја реафирмираа поддршката за процесот предводен од Обединетите нации за Западна Сахара, при што беше истакната мароканската иницијатива за автономија од 2007 година како кредибилна основа за решение.

Средбата се одржа во рамки на официјалната посета на Бурита на земјава, со фокус на продлабочување на економската соработка, развој на инфраструктурни и енергетски проекти, како и зајакнување на политичкиот дијалог.

Во рамки на посетата на Скопје , министерот Бурита го посети и Собранието каде имаше средба со претсдеателот на Парламентот,  Африм Гаши. ар/вг/

Фото: МНРиНТ

Остани поврзан