• недела, 22 декември 2024

Затворени избирачките места во Русија, според првичните резултати Путин освоил 87 отсто од гласовите

Затворени избирачките места во Русија, според првичните резултати Путин освоил 87 отсто од гласовите

Москва, 17 март 2024 (МИА) - Во Москва гласачките места за изборите за претседател на Русија беа затворени точно во 20:00 часот по локално време, а тридневните избори завршија во Калининградската област, најзападната руска енклава на Балтичкото Море. Веќе се објавуваат и првите излезни анкети, според кои, Владимир Путин освоил 87,97 отсто од гласовите.

Според РИА Новоски, истиот процент на освоени гласови го утврдила и Централната изборна комисија по преброени 40 отсто од гласачите ливчиња.

Николај Харитонов од Комунистичката партија има 3,8 отсто од гласовите, Владислав Даванков д партијата „Нови луѓе“ 3,73, а Леонид Слуцки од Либерално-демократската партија 2,96 отсто.

Вкупната излезност на претседателските избори во Русија е 74,22%. Одѕивот на гласачите во Москва била околу 66 отсто. 

Резултатот на Путин е рекорд во историјата на модерна Русија. Во 2018 година, тој освои 76,69%, а во 2012 година - 63,6%. Дмитриј Медведев победи во 2008 година со добиени 70,28% од гласовите. Во 2004 и 2000 година Путин победи со 71,31% и 52,9%. Во 1996 година, пак, Борис Елцин победи во вториот круг со освоени 53,82% од глаовите на рускиот електорат.

Гласачките места во московската временска зона беа затворени во 20 часот, со што заврши тридневното гласање на парламентарните и регионалните избори во Русија.

Гласањето во Русија траеше три дена, а гласачите можеа да изберат дали ќе гласаат на традиционален начин, користејќи хартиени гласачки ливчиња или електронски преку терминали за гласање. Можноста за електронско гласање на овие избори ја искористиле осум милиони Руси.

Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на четирите украински региони - регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година.

Според руски извори, во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон можеа да гласаат вкупно околу 4,5 милиони луѓе. На изборите гласаа и жителите на црноморскиот полуостров Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година. 

Украина го оцени гласањето на окупираните територии како кршење на меѓународното право, и го повика светот да не ги признава изборните резултати. Изборите во анектираните украински делови ги осудија и генералниот секретар на ОН Антони Гутереш и повеќе западни државници.

Претседателските избори ги набљудуваат делегации од 36 земји и пет меѓународни организации, а акредитирани се повеќе од 200 парламентарни набљудувачи и неколку десетици експерти за изборниот процес.

Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани. Конечните резултати од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан