• недела, 22 декември 2024

Затворени биралиштата во Тајван, почна пребројувањето

Затворени биралиштата во Тајван, почна пребројувањето

Тајпеј, 13 јануари 2024 (МИА) – Се затворија избирачките места на кои гласачите денеска го избираа новиот претседател на Тајван и новиот состав на еднодомниот парламент и веднаш почна пребројувањето на гласовите.

Гласањето, чиј исход внимателно го следи Кина, привлече голем меѓународен интерес бидејќи беше претставено како избор помеѓу војна и мир и дојде откако Пекинг го засили притисокот врз самоуправниот остров да го признае неговиот суверенитет, пренесуваат британските медиуми.

Избирачките места беа затворени во 16 часот по локално време (8 часот по Гринич) и набргу потоа почна рачното пребројување на гласачките ливчиња. 

Резултатите од претседателските избори се очекува да бидат познати до вечерва.

Изборите би можеле да ја одредат насоката на политиката на самопрогласениот остров, кој Кина не го признава и го смета за дел од својата територија.

За време на кампањата, освен прашањето за односите со Пекинг, во фокусот беа економските теми и високите цени на недвижностите.

Речиси 20 милиони луѓе имаа право на глас. а на изборите за претседател победува кандидатот со најмногу гласови, без втор круг.

Главни ривали на денешните избори беа владејачката Демократска напредна партија (ДПП) и опозицискиот Куоминтанг (КМТ). Ова се двете главни партии во Тајван од почетокот на деведесеттите години на минатиот век.

Утринава тајванското Министерство за одбрана повторно извести дека се забележани кинески балони како го преминуваат Тајванскиот теснец, од кои еден дури го прелета Тајван. Тоа е уште еден случај на вакво тип авиони да го прелетуваат теснецот, што стана акутно жариште на спорот меѓу двете земји, а за што Тајпеј неколку пати пријавуваше во текот на изминатиот месец. Овие кинески шпионски акции тајванското Министерство за одбрана ги опишува како психолошка војна и создавање закана за безбедноста на воздухопловството над теснецот. сд/

 фото:ЕПА

Остани поврзан