• недела, 24 ноември 2024

Засега три жртви во урнатата 21-катница во Лагос, во која имало околу 40 работници

Засега три жртви во урнатата 21-катница во Лагос, во која имало околу 40 работници
Лагос, 1 ноември 2021 (МИА) – Најмалку три лица загинале во урнатата повеќекатница во изградба во комерцијалната престолнина на Нигерија, Лагос, а се стравува дека уште десетици други се наоѓаат затрупани под урнатините. Француските медиуми пренесуваат дека тешка механизација ги расчистува остатоците од 21-катната зграда во потрага по преживеани под урнатините во елитната населба Икоџи во Лагос. Спасувачите изјавија дека во моментот на уривањето на зградата во неа имало „многу работници“, иако не можеле да го потврдат бројот на затрупани или загинати луѓе. Набргу по уривањето на зградата, десетици гневни жители се собраа на местото, многумина плачеа и изразија разочарување од бавното темпо на спасувачката акција. Полицискиот комесар, Хаким Олусегун Одумосу, изјави дека досега се пронајдени три тела, а три лица се спасени. Тој кажа дека е прерано да се каже што го предизвикало уривањето на зградата. -Многу работници се заробени под урнатините, изјави Феми Оке-Осаниентолу, генерален директор на Агенцијата за управување со вонредни состојби во Лагос. Војници го обезбедуваат местото од толпа набљудувачи кои ја следат спасувачката операција на местото. Четворица градежни работници од локацијата за француските медиуми изјавија дека десетици нивни колеги биле во зградата кога таа се урнала. -Внаѕтре имаше околу 40 лица, видов 10 тела затоа што се качив горе, рече Питер Ајагбе, 26-годишен локален работник на локацијата. -Еден од моите партнери е мртов, додаде тој. Областа Икоџи е една од најбогатите станбени и деловни области во Лагос, густо населен главен град на Нигерија. Уривањата на зградите се вообичаени во Лагос и во другите делови на најнаселената африканска земја поради употреба на неквалитетни материјали, невнимание и непочитување на градежните прописи. сд/

Остани поврзан