Започна изградбата на улицата „Видое Смилевски-Бато“ во населбата Расадник во Делчево
- Жителите конечно добиваат соодветна инфраструктура по половина век чекање
Делчево, 5 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево започна со градежни работи за изградба на улицата „Видое Смилевски-Бато“ во населбата Расадник. Во моментов се извршуваат земјени работи, а пред изградбата на самата улица, ќе се реализира и фекална канализација.
Проектот предвидува изградба на потпорен ѕид како посебна заштита поради конфигурацијата на теренот, со што ќе се овозможи сигурност и стабилност на новата сообраќајница.
Градоначалникот Иван Гоцевски денеска изврши увид во градежните работи и притоа истакна дека со реализацијата на овој инфраструктурен проект, конечно, Општината конкретно одговара на потребите на жителите кои скоро половина век живеат без основната инфраструктура.
-Улицата се наоѓа во највисокиот дел од населбата Расадник, на тешко пристапен терен. Сепак, локалната власт се посветува на обезбедување соодветна инфраструктура за сите жители. Реализацијата на овој проект ќе значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, современа сообраќајница и поголема безбедност во сообраќајот, а од друга страна, овој дел од населбата ќе добие современ урбан лик и нема повеќе да има калливи или прашливи улици, истакна Гоцевски.
Најави дека во наредната фаза ќе се проектира и улицата „Грозданец“, со што ќе се поврзат двете улици, задоволувајќи голема потреба на жителите од овој дел на населбата.
-Вредноста на работите за изградба на улицата „Видое Смилевски-Бато“ е 6,5 милиони денари, обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт, а работите ги изведува делчевската фирма СД-ТРАНС од с. Ѕвегор, подвлече градоначалникот на Делчево.
Проектот е предвидено да заврши во септември, годинава. вс/вг/
Фото: МИА