• понеделник, 23 декември 2024

Занаетчиската комора потпиша Декларација за соработка со коморите од земјите од Западен Балкан

Занаетчиската комора потпиша Декларација за соработка со коморите од земјите од Западен Балкан

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији, на денешниот форум на тема „Занаетчиството како важен дел на економијата и неговата визија за создавање на квалификувана работна сила во Република Северна Македонија" потпиша Декларација за соработка на занаетчиските комори на Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Косово.

Првата дама на нашата држава, Елизабета Ѓоргиевска, во своето обраќање на настанот истакна дека занаетчиството не е само индустрија, тоа е културен камен темелник, историска нарација вткаена во ткивото на нашиот идентитет.

-Нашата цел е да ја зголемиме конкурентноста на нашите занаетчии и да ги усогласиме економските норми со стандардите поставени од Европската унија, нагласи Ѓоргиевска.

Таа потенцираше дека нејзината поддршка при остварувањето на оваа мисија е тесно поврзана со заложбите да го признаеме и славиме непроценливиот придонес на жените занаетчии во одржувањето на традиционалните занаети.

Извршната директорка на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија, Јелена Спасова, истакна дека во денешно време станува се позначајно да се истакне важноста на занаетчиите, а со тоа да се одржи и вековната традиција на нашето занаетчиство и да се потенцира придонесот којшто преку своите вештини и конкурентни остварувања тие го имаат во општеството и во економијата.

-Јасно ми е дека живееме во периодот кога доминираат менаџерските амбиции, но, не смееме да ги занемариме занаетите, особено затоа што по принципот на понуда и побарувачка да се биде во занаетчискиот подем денес може да биде многу исплатливо, нагласи Спасова.

На настанот беа доделени три награди од страна на ЗКРСМ за најдобрите занаетчии. сан/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан