• петок, 05 декември 2025

Занаетчиската комора организира настан за подигање на свеста за борба против рак на дојка

Занаетчиската комора организира настан за подигање на свеста за борба против рак на дојка

Куманово, 24 октомври 2025 (МИА) - Во рамки на месецот „Розев Октомври“, месец на женска сила, поддршка и надеж, Занаетчиската комора утре ќе организира симболичен и хуман настан посветен на подигање на свеста за борбата против ракот на дојка и значењето на превенцијата.

Настанот, кој ќе се одржи во просториите на „Тренинг центарот“ на ЗКРСМ, е дел од проектот „Образување и економско зајакнување на ранливите групи жени“, кој се реализира со поддршка на Амбасадата на Република Словенија во Скопје.

Проектот има за цел да овозможи образовно, професионално и економско зајакнување на жените од ранливи категории, преку практични обуки, менторство и можности за личен развој.

- Во рамки на утрешниот настан ќе учествуваат и девојчињата кои беа засегнати од неодамнешниот пожар и кои во моментов се дел од обуката за козметичар. Со симболичен гест на поддршка, тие ќе изведуваат розеви маникири за присутните дами, пренесувајќи порака на храброст, надеж и женска солидарност.  Со овој хуман чин, Занаетчиската комора на Република Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност на зајакнување на жените, промоција на нивните вештини и создавање можности за достоинствена и независна иднина, изјави Јелена Спасов, извршен директор на ЗКРСМ.

На настанот ќе учествуваат и учеснички од сите шест града каде што се имплементира проектот, Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Гостивар и Свети Николе, кои преку своето присуство и активност ќе ја зајакнат пораката за женска поврзаност, емпатија и поддршка. ам/паг/


Фото МИА архива

Остани поврзан