• недела, 22 декември 2024

Дискусија „Разобличување на антиродовите дезинформации“: Законот за родова еднаквост клучен за трансродовите лица

Дискусија „Разобличување на антиродовите дезинформации“: Законот за родова еднаквост клучен за трансродовите лица

Скопје, 29 март 2024 (МИА) – Во организација на Делегацијата на Европската унија и Јуроп Хаус Скопје, денеска се одржа дискусија насловена „Разобличување на антиродовите дезинформации“, на која присуствуваа извршната директорка на Коалиција Маргини, Ирена Цветковиќ, извршната директорка на ХЕРА, Мила Царовска, како и истражувачката новинарка од Агенцијата МЕТА, Мери Јордановска.

Цветковиќ во своето воведно обраќање посочи дека антиродовите движења се засилени во последните години и дека моментално има триесетина вакви организации кои се обединуваат под „Коалицијата за заштита на децата“. Истакна дека за првпат во историјата на земјава пет религиски заедници застанаа заедно против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, за кој вели е клучен за трансродовите лица, бидејќи како што рече, го обезбедува правното признавање на родот. 

– Ниедна од овие пет религиски заедници не застанаа заедно со некаква стратегија против корупцијата, против експлоатацијата на жените, децата, против булингот, но застанаа заедно против овие два закони кои се исклучително важни за трансродовите лица. Дополнително на ова се приклучи и Српската православна црква која заедно со Македонската православна црква за првпат заедно излезе со соопштение против Законот за родова еднаквост, рече Цветковиќ.

Поранешната министерка Царовска, како проблем ја посочи информираноста на населението. Вели ретко кој практикува информативна хигиена, граѓаните добиваат информации од разни страни и ги прифаќаат како вистинити.

– Ова ни се случи и со новиот концепт за основно образование. Одредени информации се спроведоа неточно во сите медиуми, и тоа таков наратив се наметна од интелектуалци, луѓе кои постојано се во креирање на политики. Сексуалното образование како изборен предмет е вклучено во таа концепција во деветто одделение и никој не дискутираше за тоа дека од прво до деветто правиме целосно реформирање на програмата ги учиме за граѓански концепти, за демократија, зошто треба да се почитуваме, зошто не треба да се дискриминираме, туку се фативме за сексуалното образование кое што е единствената интервенција која што ги штити децата, рече Царовска.

Новинарката од Агенцијата МЕТА, Мери Јордановска, во своето излагање ја истакна важноста на медиумите во влијанието на антиродовата дезинформациска кампања и посочи на често кршење на членот 1 од кодексот на новинарите.

–  Член 1 од кодексот на новинарите треба да е императив во новинарството, а тоа е секогаш да се побара втората страна кога некој некого обвинува за нешто, кога одредена група посочувате дека нешто прави, се бара и втората страна. Во Советот на етика во медиумите, постојано примаме жалби во кои речиси не постои жалба во која не е прекршен членот 1 од кодексот на новинари, како членот 13 кој што вели дека вест и коментар не е исто, посочи Јордановска. ра/аа/

Фото: Јуроп хаус

 

Остани поврзан