• среда, 06 ноември 2024

Законот за парничната постапка го помина комисискиот филтер

Законот за парничната постапка го помина комисискиот филтер

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Со девет гласови „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, членовите на собраниската Комисија за европски прашања го поддржаа Законот за парничната постапка. Претходно, овој предлог-закон доби поддршка и од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно правната комисија.

Заменик министерот за правда, Ален Деребан во образложението пред членовите на Комисијата истакна дека целта на донесување на овој предлог-закон е отстранување на недостатоците кои се појавиле од практичната примена на актуелниот Закон за парнична постапка, а кои како што рече, биле констатирани од сите учесници во постапката вклучително и судови, адвокати, странки, државни органи. Посочи дека недостатоците биле констатирани и во забелешките на Светка банка преку извештаите Дуинг бизнис 2020 година. 

Деребан нагласи дека потребата од донесување на предлог-законот е имплементирање на Директивата ЕУ 2009/22 и Директивата 2008/52 на Европскиот парламент и совет.

-Ова значи дека како новина во новиот Закон за парничната постапка се предвидува заштита на колективните интереси и права од страна на организации, здруженија и установи кои согласно закон се регистрирани во согласност со нивната дејност за остварување на колективните права и интереси. За разлика од досега, таквите тужби беа отфрлени од судовите поради немање на правен интерес, не им беше дозволено да ги водат тие постапки. Овој Закон, согласно директивите ќе им го овозможи тоа право и можат да поднесуваат тужби против правни и физички лица кои со преземање на определени дејствија, пропуштање на преземање на определени дејствија или непреземање на дејствија сериозно ги загрозуваат колективните интереси и права на одредена категорија на граѓани, рече заменик министерот за правда.

Исто така, како што потенцира Деребан, со овој предлог-закон регулирана е и постапката за медијација како неопходна претпоставка во трговските спорови од мала вредност во согласност со Директивата за медијација во граѓанската и стопанската материја.фф/лв/

Фото: Принтскрин од видео  

Остани поврзан