• понеделник, 16 декември 2024

Заедничка седница на парламентите на Албанија и Косово, Спиропали: Координација на националната агенда

Заедничка седница на парламентите на Албанија и Косово, Спиропали: Координација на националната агенда

Тирана, 16 декември 2024 (МИА) – Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, во изјава за медиумите информираше дека парламентите на Албанија и на Косово, ќе одржат заедничка седница во Приштина, на 20 декември.

Според неа оваа заедничка средба доаѓа како „потреба за координирање на националната агенда за реализација на стратешките цели“ и оти ќе послужи за „зголемување на придонесот на албанскиот фактор за развојот, демократизацијата, мирот и безбедноста во регионот и пошироко“.

- Ова заедничко Собрание доаѓа како потреба за координирање на нашата национална агенда за реализација на стратешките цели, членството на Албанија во ЕУ, евроатлантските интеграции на Косово, заштитата и унапредувањето на правата на Албанците и зголемувањето на придонесот на Албанците како фактор за развојот, демократизацијата, мирот и безбедноста во регионот и пошироко, изјавила Спиропали.

Ова е втора средба меѓу двата парламента, по, како што се оценува, историската средба, на 27 ноември 2022 година во Парламентот на Албанија, меѓу другото ќе се направи преглед на спроведувањето на 30-те заеднички меѓувладини договори.

- На седницата ќе учествуваат вкупно 130 пратеници, 60 пратеници од Албанија и 70 од Косово. На оваа средба, ќе присуствува и премиерите Еди Рама и Албин Курти, кои ќе имаат свои обраќања, објавија албанските медиуми.

На седницата, која е закажана за 11 часот, во салата за пленарни седници на косовскиот законодавен дом, ќе говорат и Спиропали, нејзиниот косовски колега Глауф Коњуфца, како и координаторите на пратеничките групи од двата парламента. вт/

Фото: собраниска служба

Остани поврзан