Заев со менаџментот на „Лидл“: Германската инвестиција нов стимул за домашната економија
- Премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов одржаа состанок во Владата со менаџментот на германската компанија „Лидл

Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов одржаа состанок во Владата со менаџментот на германската компанија „Лидл“.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се дискутираше за новата инвестицијата на трговскиот ланец „Лидл“ во нашата земја, за што компанијата веќе е регистрирана во Северна Македонија.
Премиерот Заев истакна дека новите инвестиции се од голема важност за земјава, во насока на зголемување на понудата, нови вработувања, како и подобрување на севкупната економија. Тој ги поздрави позитивните практики препознатливи за „Лидл“ во поглед на пазарот на труд, обучување на своите вработени, како и практикување на модерен начин за водење трговија.
Премиерот Заев, како што се наведува во соопштението, ја потенцира важноста од натамошно унапредување на работата со Германија, која е наш прв трговски партнер и истакна дека над 200 германски инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 лица во нашата земја.
Менаџментот на компанијата „Лидл“, претставуван од Волф Тиедеман, член на Управниот одбор, Милена Драгијска извршен директор на „Лидл“ - Бугарија и „Лидл“ - Северна Македонија, Бисер Инчовски - директор на централните служби, како и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија ги презентираа плановите за новата инвестиција во земјава.
