Заев: Нови добро платени работни места со инвестицијата на „Филип Морис“
- Педесет нови млади лица ќе бидат вработени во центарот за грижа на корисници на „Филип Морис“ кој од „Телеперформанс“ од Атина се префрла во Скопје. Станува збор за модерен центар за корис
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Педесет нови млади лица ќе бидат вработени во центарот за грижа на корисници на „Филип Морис“ кој од „Телеперформанс“ од Атина се префрла во Скопје.
Станува збор за модерен центар за корисничка поддршка во кој веќе работат 300 лица, а бројот на вработени ќе се зголеми за уште 50. Просечната плата е околу 700 евра што е над просекот во земјава.
- Ги поддржуваме младите кои сакаат да работат во интернационална компанија во која ќе бидат инспирирани да учат, да растат и да се развиваат. Нудиме одлични можности за работа, атрактивна плата и пријатна работна атмосфера со цел младите да останат да работат во државата, рече главниот извршен директор на „Телеперфоманс Германија задолжен за македонската филијала Михел Шмит на денешната промоција во Скопје.
За премиерот Зоран Заев, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи присуствуваше на настанот, ваквите инвестиции на интернационални компании кои веќе работат во земјава, се потврда дека деловната клима нуди можност за раст и развој на приватниот сектор.
- Глобалните компании како „Филип Морис Интернешанл“ вложуваат во иновации и развој, отвораат нови можности за младите да работат во средина карактеристична за големите реномирани компании. Тоа значи и можност за професионален напредок по меѓународни стандарди. Развиен приватен сектор значи развиена држава и затоа со низата мерки кои ги спроведуваме даваме стимул на компаниите да вработуваат млади кадри и да вложуваат во нив. Токму тоа е основниот мотив за еден млад човек да остане во една компанија и во земјата, рече Заев.
Најави дека Владата останува посветена на развојот на поволна бизнис клима во земјава и ги охрабри компаниите да продолжат да инвестираат во земјава.
„Филип Морис Интернешнал“ влезе на македонскиот пазар во 2014 година кога го презеде Тутунскиот комбинат во Прилеп.
- Поставивме заедно нови стандарди и успеавме да ја трансформираме тутунската индустрија во земјава. Од една страна, Тутунскиот комбинат Прилеп постигнува одлични резултати што се однесува до производството на цигари, а од друга страна „Филип Морис“ го комерцијализираше IQOS, иновативен уред кој загрева но не го согорува тутунот, а кој има потенцијал да ја трансформира целата тутунска индустрија и да обезбеди иднина без тутунски чад, рече генералниот директор на „Филип Морис“, Иван Костиќ. бак/сст/