• среда, 20 ноември 2024

Заев: Немаме ништо против локалните избори да се одржат и на 17 октомври

Заев: Немаме ништо против локалните избори да се одржат и на 17 октомври
Скопје, 22 јули 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии. Предлогот, изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради поклопување на термините за кампањата со терминот за одржување на пописот на населението. -За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоција на комлексот Планет. Тој вели дека на барање на опозицијата се случило и одложување на изборите од септември за втора половина на октомври. -Со Мицковски кога имавме средба тие побараа одложување на изборите од септември за октомври, договоривме втора половина на октомври, а тоа е 17, 20 и 31 октомври. Јас ги консултирав партиите во државата, начелно сите без согласни и беше постигнат договор, рече Заев изразувајќи уверување дека низ разговори партиите ќе се усогласат за датумот за одржување на изборите. Премиерот Заев нагласи дека одржувањето на изборите по 17 октомври не е противуставно и оти фак за тоа што одложување или пролонгирање на изборите се случило во 2004, 2005 година, и во 2017 година. -Не е несуставно, а тоа го потврдува 2004, 2005 година одложувањето на изборите и 2017 од пролет на есен, со измена на Законот за изборите каде што се вели дека градоначалниците и советите ги вршат функциите се до избор на нови градоначалници и совети. И тоа е веќе проверено и впрочем е адресирано и пред Уставен суд во постапка во минатото и колку што сум запознаен од правниците од мојот тим и одбиена, затоа што Законот вика избори да се одржат во годината кога се навршуваат четири години и затоа е дозволено плус мунис 15 дена, пет месеци и теоретски 12 месеци, рече Заев. Во врска со набавката на опрема за отисок од прст за одржување на локалните избори, тој истакна оти е информиран дека има една фирма која се јавила на повикот. - Ако се потврди таа фирма изведувач, има доволно време, ако не се надевам дека до почетокот на неделата ќе се донесе одлука да може да се искористи времето и запазат роковите согласно опциите што ги дава законот. Тогаш една од варијантите е правото и одговорноста да дојде кај претседателот на ДИК лично. Согласно обврската од изборниот законик, а таа е да има отисок на прст веќе на следните локални избори, законот за јавни набавки дава можност да се договори набавката по пат на преговарање и договарање, рече премиерот. Тој додаде дека за него е важно да се спроведе овој процес, пред се како што рече затоа што тоа го бара опозицијата, но и тој да биде успешен, односно фирмата која ќе го изведува да биде доверлива  и да прифати одговорност затоа што ќе располага со биометриски податоци на граѓаните. сст/ац/

Остани поврзан