Заев: Македонските граѓани не си легнаа на 31 декември ‘43 како Бугари, за следниот ден на 1 јануари ‘44 да се разбудат како Македонци
- Македонските граѓани на 31 декември 1943 година не си легнаа како Бугари и сабајлето на 1 јануари 1944 да се разбудат како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад, се чувствувале Мак
Скопје, 21 декември 2020 (МИА) – Македонските граѓани на 31 декември 1943 година не си легнаа како Бугари и сабајлето на 1 јануари 1944 да се разбудат како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад, се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци, тоа е нашиот директен одговор.
Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на последните изјави на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој рече дека „секој што прочитал барем пет страници историја, знае дека Македонците пред ’44 биле Бугари“.
Заев вели дека нема потреба да се испраќа протестна нота, бидејќи станува збор за јавна изјава, на која тој јавно одговара.
-Во духот на пријателството, продолжуваме со внимателен наратив, но секако на тоа што не повредува директно реагираме. Ние сме Македонци, ние сме биле Македонци и остануваме Македонци и апсолутно апелирам до пријателска Бугарија, посебно до општествениците и до мојот пријател Красимир Каракачанов, со кој имам навистина пријателски односи, да знаат колку и да е тоа податливо во Бугарија, колку и да не знам како се сфаќа, овде повредува, затоа што повредува некој кога разговара за твоите чувства, тогаш тоа е болно без разлика дали сте во Македонија, Бугарија, Грција, Америка, Пакистан, Русија или каде било, порача Заев.
Нагласи дека секој секаде во светот има право да се определи онака како што се чувствува, нашето право на самоопределба е наше суверено право, а нашиот суверенитет Бугарија прва го има признато во светот.
-Прва соседна земја, која ја има признато Република Македонија тогаш, сегашна Република Северна Македонија. Јас верувам дека ако се Европејци, европските вредности се навистина почитување на нашето право на идентитет, а тоа е дека сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, а согласно тоа и почитување на нашите права на определба, на нашите корени, рече Заев.
Премиерот потенира дека ние ја знаеме нашата сесловенска историја, го знаеме кириличното писмо, ја знаеме глаголицата, го знаеме растот и развојот на македонскиот јазик и додаде дека тоа нема никакви допирни точки да го стави под прашалник или на кој било начин да му наштети на бугарскиот јазик и на бугарскиот идентитет.
-Точно е дека имаме заедничка историја ние тоа сме го прифатиле, точно е и дека имаме засебна, посебна историја. Двете земји да бидеме паметни заедничката историја да ја гледаме како нешто што не прави поголеми пријатели заради подобра соработка, наместо нешто што не дели. Секако следува сериозен период на горчини кај нас затоа што никој не се надеваше дека Бугарија може да ни стави вето, да ни стави блокада и тоа е болно и тоа е тешко и тоа е трагично и тоа е катастрофално, затоа што прашањето кој денес ја пишува историјата и каква историја пишува, ќе кажат генерации по 20/30 години што направиле Борисов и Заев во тоа време или Захариева и Османи, или Каракачанов и Димитров итн. Наша должност е да отвораме перспективи за граѓаните, за децата, во периодот кој што претстои, ако сме паметни минатото да го користиме за да не сплотува, а деталите за историјата да ги оставиме на историчарите, порача Заев. ац/