• сабота, 20 април 2024

Загребскиот театар ЗАмКА се претстави во Тетово со комедијата „Повеќе среќа, следниот пат“

Загребскиот театар ЗАмКА се претстави во Тетово со комедијата „Повеќе среќа, следниот пат“

Тетово, 11 ноември 2022  (МИА) - Тетовската публика ја наполни салата во поранешниот Дом на Армијата за да ја проследи комедијата „Повеќе среќа, следниот пат (Više sreće drugi put) во изведба на гостувачкиот театар ЗАмКа (Зелински аматерски театар) од хрватскиот град Свети Иван Зелински близу главниот град Загреб.  Комедијата иако беше изведена на кајкавски дијалект на кој што зборуваат гостите во областа Пригорје придонесе често пати во текот на изведбата публиката да се насмее на случките во претставата.

Претставата работена по текст и режија на Штефица Фањек ги прикажува несекојдневните комични ситуации кога во едно село во Хрватска, нивниот соселанец Јожа или Јозеф, доаѓа од Германија, со својот 35-годишен син Ханс.  Бидејќи Ханс не е женет, татко му се обидува да му договори брак со некоја од девојките. Свој удел во обидите имаа и жените од селото за своите ќерки и внуки, па доаѓаше до конфликти и препирки.  Но на крај, останува за девојките од селото среќата за мажачка да ја пробаат некој следен пат, бидејќи Ханс ја истакнува својата љубов кон друг маж.

Организатор на гостувањето беше Македонско – хрватското друштво (МХД).

-Ни беше чест да ги имаме за гости театарот ЗАмКа од Загребачка жупанија, токму на датумот 11 ноември кога пред 20 години се основаше МХД. Оваа претстава прв пат се изведува во Македонија.  Позитивно сме изненадени што овие десетина актери привлекоа голем број посетители. Ни дава дополнителна мотивација ова што го работиме 20 години и понатаму да продолжиме со цел унапредување на култруниот живот во Тетово, изјави Марко Видачек од МХД.

Зелинскиот аматерски театар (Zelinsko amatersko kazalište - ZAmKa) ЗАмКа постои од 1993 година, а има успешни остварувања во Хрватска и надвор. Претставата е победник на 21-та смотра на театарски аматери на Загребачка жупанија. ас/дма/

Остани поврзан