Заврши јавната презентација на локалниот еколошки акциски план за Куманово
- Заврши јавната презентација на Локалниот еколошки акциски план во Куманово, соопштија денеска надлежните од секторот за животна средина од Куманово.
Куманово, 28 февруари 2022 (МИА) - Заврши јавната презентација на Локалниот еколошки акциски план во Куманово, соопштија денеска надлежните од секторот за животна средина од Куманово.
Во планот, како што појаснија стручните, предвидена е зајакната соработка помеѓу секторите во Општината, меѓу општините во Североисточниот регион, како и другите општини. Соработката ќе се однесува на утврдување на регионалните и националните проекти и мерки за подобрување на животната средина, подигната јавна свест на населението за значењето на заштитата на животната средина во сите сегменти.
- Презентацијата заврши, претходно граѓаните дадоа доста квалитетни предлози, дел од нив се вметнати во презентацијата. На една од следните седници ќе биде разгледана и доколку се усвои ќе почне со импелемтнаицја, изјави ракодводителката на секторот, Лидија Ланг Спасовска.
Таа посочи дека овој локален акциски план соодветствува со националниот и ќе има важност од шест години. Во планот предвидено е преземање конкретни обврски и грижа за животната средина од страна на локалната заедница преку зголемен број на успешно реализирани проекти и иницијативи за решавање на проблемите од областа на животната средина, создадени услови и зајакнати локални капацитети за спроведување на приоритетните мерки и активности дадени во Акцискиот план на документот.
Како што појаснуваат од секторот, главната цел при подготовка на ЛЕАП за општина Куманово било дефинирање на состојбата со животната средина во сите тематски области (воздух, води, отпад, бучава, почва и искористување на земјиште/урбан развој, биодиверзитет/геодиверзитет во општината, родова еднаквост и климатски промени), евидентирање на главните предизвици во животната средина и предложување на мерки и активности за нивно надминување во следниот период од шест години. За развивање на ЛЕАП документот се користело меѓународно признаена методологија DPSIR која овозможила да се даде осврт на медиумите на животната средина, да се идентификуваат клучни предизвици за секој од медиумите и да се развие план со соодветни мерки.
ЛЕАП документот содржи поглавја со општи податоци за општината, опис и идентификација на сегашната состојба со медиумите и областите на животната средина и предизвици за секоја од тематските области, како и препораки за нивно решавање, анализа на мислењето на граѓаните во општината и предлог акциски план со мерки, активности и вклучени индикатори за следење на нивната реализација.
Преку своите одговори, над сто кумановци на возраст од 40-65 години индиректно учествувале во подготовката на ЛЕАП документот. Подготвениот ЛЕАП за Општина Куманово е ставен на увид на веб страната на Општина Куманово. ам/мд/