• петок, 27 декември 2024

Заврши проектот за превентива од поплави во Полошкиот регион, потенцирана е потреба од одржливост

Заврши проектот за превентива од поплави во Полошкиот регион, потенцирана е потреба од одржливост

Тетово, 6 декември 2024 (МИА) - Со завршен настан во Тетово се означи крајот на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, што изминативе седум години се спроведуваше со донација од Швајцарија и имплементација на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Владиниот потпретседател и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити рече дека подобрувањето на отпорноста на поплавите во Полошкиот регион е многу важно прашање за зачувување на безбедноста, животната средина и одржливиот развој.

- Проектите кои се реализирани вклучуваат различни активности како што се стабилизација на ерозии, чистење на речните корита и изградба на инфраструктура за спречување на поплави. Овој проект помогна да се изгради посилен и поодржлив систем за управување со ризик од поплави и создаде можност за понатамошен развој на одбранбената инфраструктура во регионот. Овие мерки мора да се спроведат на одржлив и долгорочен начин за да се обезбеди заштита на овој регион од поплави и други последици од природните опасности, рече Изет Меџити.

Во изминатите седум години Владата на Швајцарија за овој проект даде 12 милиони швајцарски франци.

- Постигнавме значајни резултати, се изградија координативни елементи за заштита и превенција од поплави, градење капацитети на локалните и националните институции, зголемување на свеста кај граѓаните и клучните инфраструктури за да се заштитат заедниците и да се намалат опасностите во случај на поплава. Да се фокусираме на заштитата е многу поефикасно и помалку болно отколку да се соочиме со овие болни последици“, изјави Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Македонија.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан истакна дека сега државата има зајакнати капацитети и локалните стратегии, што е основа за понатамошен напредок.

- Самиот проект покажа дека кога соработуваме заеднички можеме навистина да ги пренасочиме ранливите моменти во силни страни и предизвиците во решение. На тој начин, како што го затворивме ова поглавје се надеваме во иднина дека ќе видиме дека лекциите и влијанието ќе мора да продолжи. Одржливоста треба да биде во срцето на оваа иницијатива, истакна Григорјан.

Беше прикажан и документарен филм за резултатите и интервенциите спроведени во текот на проектот, а заврши со дебата на која за постигнувања говореа дел од крајните корисници, претставници на заедниците и институциите.ас/

Фото: МИА 

Остани поврзан