• петок, 05 декември 2025

Заврши велешката „Питијада 2025“

Заврши велешката „Питијада 2025“

Велес, 13 октомври 2025 (МИА) – Со спектакуларен концерт на „Бајага и Инструктори“ пред повеќе илјадна публика  од Велес, цела Македонија и  посетители од странство, како и голем огномет над Велес синоќа околу 01:30  часот  по полноќ во Велес заврши годинашната традиционала манифестација „Питијада 2025“.

 Александра Иванова од организацискиот одбор на „Питијадата 2025“ “ од Општина Велес во денешната изјава за МИА, оцени дека во целост се задоволни од посетеноста и  од целата организација која поминала без поголеми проблеми и инциденти.

-Им се заблагодаруваме на сите кои не посетија и ги поддржаа нашите програмски содржини кои беа наменети за сите генерации и по насмевките на нивните лица се гледаше дека уживаат. Воедно се заблагодаруваме на сите институции кои не поддржаа и ни помогнаа при организацијата како: ЈКП„Дервен“, МВР, ТППЕ Велес, службата на Брза Помош и на бројните волонтери и сите кои ни помагнаа за непречено одвивање на „Питијадата 2025“, како и на бројните полициски екипи на терен на сите улици низ градот и на влезовите, кои го регулира сообраќајот и паркирањето на бројните возила кои дојдоа од цела Македонија, потенцира Иванова.

Во изминатите три дена  во рамките на „Питијадата 2025“ се организираа некои од веќе востановените програмски содржи како традиционалниот Базар на рачни ракотворби со 21 учесник, изложбата на стари возила олдајмери која се одржа вчера на главната улица „Благој Ѓорев“ во новиот дел на градот кога беа изложени рекордни 75 возила од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Во рамките на „Питијадата 2025“ се одржа и веќе традиционалната велосипедска тура со старт во  Винарија „Шато Сопот“.

Во рамките на „Питијадата 2025“ беше подготвена и традиционалната џиновска пита пастрмајлија годинава со  должина од 4,30 метри и широчина од 1,10 метри,  за 10 сантиметри подолга од лани, која ја подготвија седум мајстори од Фурната „Гениџии“. Од нејзината продажба младите волонтери на Општинската организација на Црвен крст собраа 12 илјади денари кои ќе се искористат за помош на социјално ранливи семејства во рамките на Неделата за борба против гладта која започнува денеска.

Програмата на „Питијадата 2025 “ започна традиционално со настап  на најмладите –децата од Градинките „Димче Мирчев“, со песни и танц. Во рамките на програмата во изминатите три дена  настап имаа и бројни македонски ѕвезди како  Викторија  Лоба, Кате и Ѓоко Ѓорчев, Стела и Сани, „Куку Леле“, „Либеро Бенд“, како и велешките музички ѕвезди Мики Секуловски и група „Соната“.

Воедно освен за возрасните и за децата имаше богата  и разновидна програма како и настап на децата од Фестивалот„Златно славејче“ .

 На трите вечери изминатиот викенд, петок, сабота и недела  имаше големи концерти на мега популарните ѕвезди Калиопи и Северина и синоќа завршниот концерт  на „Бајага и Инструктори“.ад/вј/

Фото: Општина Велес

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан