• сабота, 23 ноември 2024

Завршија градежните работи на Филтер-станицата во Карбинци

Завршија градежните работи на Филтер-станицата во Карбинци

Штип, 22 јануари 2021 (МИА) - Изградена е новата Филтер-станица во Карбинци. Завршени се градежните активности на овој капитален објект, кој со вода за пиење ќе снабдува осум села во оваа општина, сега се чека на монтирање на опремата во објектот, со што ќе може да се прима вода од Хидросистемот „Злетовица“.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев, вели дека со изградбата на Филтер-станицата се решава неколкудеценискиот проблем на жителите на Карбинци, кои сега се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи и бунари.

-Со изградбата на Филтер-станицата ќе се овозможи непречено снабдување со вода за пиење на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Таринци, Долни Балван, Нов Карорман и Радање, каде што живеат околу 3000 жители или 75 проценти од вкупниот број жители на Општина Карбинци, рече Насев.

Капацитетот на Филтер-станицата е 40 литри во секунда, а со пуштањето на водата Општина Карбинци го решава проблемот со водоснабдувањето во наредните 100 години. 

Средствата за реализација на проектот Филтер-станица Карбинци, во вкупен износ од 105, 3 милиони денари, се обезбедени од државниот буџет преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во моментов се чека на јавен повик за изградба на пристапен пат, кој ќе чини 14.305.758 денари, како и цевковод до населените места, а инвестицијата е над 44 милиони денари. вдј/хс/

Остани поврзан