Завршен настан од двегодишниот проект за интегрирано образование и меѓукултурна соработка „Градиме нови мостови“
- Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование и наука денеска во ОУ „Живко Брајковски“ во општина Бутел организираа завршен настан од двегодишниот проект „Градиме нови мостови“ чија цел е интегрирано образование и меѓукултурна соработка меѓу младите од основни и средни училишта.
Скопје, 16 септември 2025 (МИА) - Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование и наука денеска во ОУ „Живко Брајковски“ во општина Бутел организираа завршен настан од двегодишниот проект „Градиме нови мостови“ чија цел е интегрирано образование и меѓукултурна соработка меѓу младите од основни и средни училишта.
Проектот е продолжение на претходните активности на Мисијата, насочени кон меѓуетничка интеграција во образованието, унапредување на демократијата и на социјалната кохезија во државата. Биле вклучени околу 30 училишта и 2600 ученици кои имале заеднички активности - часови, спортски настани и дружење.
Со пораки за толеранција, заедништво и соработка меѓу учениците од различни етникуми, се обратија министерката Весна Јаневска и амбасадорките на Соединетите Американски Држави и Норвешка, Анџела Агелер и Кристин Мелсом, кои им врачија плакети на претставници на училиштата кои учествувале во проектот.
Јаневска потенцираше дека е вредност разноликоста што ја има државава во која, рече, живеат граѓани кои говорат различни јазици, со различна верска и национална припадност. Порача дека за да се зачува таа разноликост, „треба да ги јакнеме мостовите меѓу нив и постојано да градиме нови“ и оти тие мостови се зацврстуваат токму преку образованието.
- Преку интегрирано образование и меѓукултурна соработка меѓу младите од основни и средни училишта чиј мајчин јазик е македонскиот, албанскиот, босанскиот и турскиот јазик, преку заедничките наставни и воннаставни активности, заедно градевме меѓусебно разбирање и трајни врски. Овие активности уште еднаш ја потврдија вистината дека децата и младите многу лесно меѓу себе комуницираат, без оглед колку се различни, доколку возрасните тоа им го дозволат, рече министерката Јаневска.
За успешно спроведување на проектот, покрај поддршката од ОБСЕ и САД, Норвешка, Полска, Холандија и Луксембург, значајни биле, рече, и партнерствата изградени меѓу училиштата, општините и граѓанските организации.
- Сите заедно, со многу добра волја, умеење, но и со средствата на донаторите, успеавме неколку илјади млади да ги изведеме на патот на соработката, разбирањето и пријателството, да им подариме вештини кои понатаму во животот многу ќе им значат лично, но ќе оставаат и позитивен отпечаток во средините каде ќе живеат и работат, додаде Јаневска. хс/паг/
Фото: МОН