• четврток, 21 ноември 2024

Завршен настан на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“, кој е финансиран од ЕУ

Завршен настан на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“, кој е финансиран од ЕУ

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Завршен настан на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“, кој е финансиран од Европската Унија ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Оваа иницијатива, како што соопшти Министерството, целеше кон подигнување на квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа. 

На настанот ќе се обратат министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Штефан Худолин и директорот на проектот, Џузепе Москети.

На настанот ќе бидат претставени главните постигнувања од трите проектни компоненти.

-Инвестирањето во висококвалитетно воспитание, образование и грижа за децата уште од најрана возраст е препознаено како паметна и ефикасна инвестиција и на европско ниво, бидејќи обезбедува темели за успешно учење и развој. Тоа претставува делотворно социјално вложување со која се решаваат нееднаквоста и предизвиците со кои се соочуваат обесправените деца, а истовремено позитивно влијае врз учеството на родителите на пазарот на трудот, се наведува во соопштението.

Проектот, како што соопштуваат од Министерството, имаше за цел да го подигне квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа, што треба да доведе до поголеми образовни постигнувања, личен развој и социјална вклученост на децата. За остварување на тоа неопходен е стручен кадар кој што континуирано ќе се усовршува и професионално развива за да може да обезбеди поддршка за сите деца и нивните семејства во овие динамични и сложени услови што ги наметнува современиот живот.

-Активностите на проектот беа структурирани во три компоненти: модернизиран систем за професионален и кариерен развој на вработените во предучилишните институции, редефиниран модел на лиценцирање на стручните лица вработени во системот за згрижување на деца од предучилишна возраст (директори, установи за деца, стручни работници, стручни соработници, воспитувачи и негуватели) и зголемено учеството на родителите и нивната информираност во предучилишното образование и грижа како и поддршка на образованието кое се одвива во семејството, се наведува во соопштението од Министерството. дма/нд/

Фото: МИА архива
 

 

Остани поврзан