• недела, 22 декември 2024

Заборски бара итни промени во стручниот штаб на македонската карате репрезентација

Заборски бара итни промени во стручниот штаб на македонската карате репрезентација

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски е незадоволен од настапот на македонската репрезентација на неодамна одржаното Светско првенство во Будимпешта и прикажаните резултати, за кои директно го обвинува селекторот Александар Кузмановски и стручниот тим на националната селекција во дисциплината борби.

Заборски побара директна одговорност од тренерскиот и селекторскиот кадар за како што вели, катастрофалниот настап на македонските каратисти.

- Бараме одговорност за неуспешниот период на стагнација на сениорскиот тим и посочуваме дека резултати нема да имаме ако веднаш не се престроиме и направиме итно промени во водечкиот дел на тренерскиот и селекторскиот кадар, таканаречен стручен тим на КФРСМ, каде што предводници се селектори на сениорскиот тим и тимот помлади сениори (У21). Да напоменеме дека во тој стручен тим, во моментов не се вклучени најдобрите тренери и клубови, оние од кои во најголем број е составена репрезентацијата, а тоа се клубовите „Макпетрол“ - Скопје и „Штип“ – Штип, стои во дел од реакцијата на Заборски.

Побара да се даде извештај за падот на перформансите на репрезентативците, кои со своите клубови има одлични резултати на меѓународните турнири.

Најважно од се е можеби тоа што репрезентативците имаа забележителен и очигледен пад на спортската форма, сите спортисти претходно беа многу добро подготвени, тие на контролните балкански и светски натпревари освоија високи пласмани и медали и демонстрираа многу добра форма. Кога репрезентацијата остана да работи самостојно, спортската форма која претходно се создаде и вроди резултати се сруши и спортистите на светското првенство не можеа да го дадат ни оптимумот кој секогаш го давале. Ако  репрезентацијата е составена од индивидуалци кои имаат повеќекратно освојувано европски и светски медали, се наметнува прашањето што се случи со репрезентацијата кога остана сама да се подготвува, зашто репрезентативците не беа доволно мотивирани сплотени и подготвени да направат поголеми резултати.

Заборски дава предлози како да се врати македонското карате, според него, на вистинскиот пат.

- Ако сакаме да се вратиме на вистинскиот пат мора да направиме и промена во делот од Правилникот за направен сениорски резултат и резултат за помлади сениори (У21). Демотивирачки е кога селекторот неправедно ги зема наградите со години наназад, за кои нема реализирано ниту еден тренинг, награди од по 5.000 евра за постигнат врвен спортски резултат. Таа пракса кога селекторите ги добиваат незаслужено наградите за кои други тренери вложиле голема стручност, финансии и лично залагање, внесе големо незадоволство кај клупските тренери кои се најзаслужни за овие спортски резултати, по што нивната мотивираност за постигнување резултати видно се намали. Овој дел од Правилникот треба да се промени, во спротивно сениорски резултати ние нема да имаме, истакнува тренерот на карате клуб Макпетрол од Скопје.

Македонската репрезентација не успеа да забележи значаен резултат на неодамнешното Светско првенство во Унгарија. зс/

Остани поврзан