• понеделник, 23 декември 2024

Жители на Ресава го чистеа Дабнишки канал од кој се наводнуваат нивите во овој атар

Жители на Ресава го чистеа Дабнишки канал од кој се наводнуваат нивите во овој атар

Кавадарци, 6 август 2023 (МИА) - Жители на кавадаречкото села Ресава денеска го чистеа Дабнишки канал, од кој се наводнуваат нивите во дабнишкиот и ресавскиот атар. Претседателот на месната заедница Ресава, Никола Ризов појасни за МИА, дека целта е земјоделските култури да можат подобро да се наводнуваат во текот на топлите денови, кога водата е неопходна за нивниот раст и развој. Тој истовремено ја пренесе пораката на сите што имаат земјоделски имоти овде, надлежните да преземат чекори за реконструкција на овој канал, за полесно и подобро наводнување во иднина, без проблеми како досега.

- Живееме и имаме земјоделски имоти во еден од деловите на Тиквешијата што е познат по тоа што раѓа грозје со извонреден квалитет, од кое се прават висококвалитетни вина и ракии. Пишаните документи говорат дека во овој крај, уште од дамнина се произведувало толку квалитетно и густо вино, што во крпа можело да се носи. Не сакаме ништо да оставиме на случајноста и затоа ја презедовме оваа своевидна работна акција. Да обезбедиме повеќе вода, за да можеме да очекуваме богат и квалитетен род од земјоделските култури посадени во овој плоден дел на Тиквешијата, нагласи Ризов.

Како што појасни Ризов, водата во каналот е од Дабнишката река. Тој изрази благодарност до кавадаречки „Комуналец“ и општината Кавадарци, за поддршката за реализација на оваа акција. Ресавци и порано, заедно со Дабништани, на крајот на април месец, вршеа чистење на овој канал, со цел подобро водоснабдување во земјоделството. свд/бд/

Фото: Месна заедница Ресава

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан