• недела, 22 декември 2024

Жителите на прилепско Оревоец не се откажуваат од протестите, очекуваат да реагираат судовите и државата

Жителите на прилепско Оревоец не се откажуваат од протестите, очекуваат да реагираат судовите и државата

Прилеп, 30 јуни 2024 (МИА) - Жителите на прилепско Оревоец и прилепчани кои протестираат речиси два месеца против ископите до селото на конзорциумот „Бехтел и Енка“, од прилепскиот основен суд очекуваат да се изјасни за времената мерка што ја побараа. Жителите сметаат дека ископите ја уништуваат  животната средина, нивните живеалишта и го нарушуваат живеењето.

На рочиштето на 26 јуни не се појавија ниту претставници од ЈП за државни патишта, ниту од „Бехтел и Енка“ и очекуваат на 10 јули да се оконча.

-Апелираме до Владата, до Министерот за транспорт и врски, до директорот на ЈП за Државни патишта што е можно поскоро да го ревидираат договорот, посебно внимание да посветат на реализиацијата на проектот на овој предел каде навистина е настанат голем проблем и час поскоро да најдат решение, преку ревидирање на проектот и преку некоја од локалните концесии наместо отпочнување со нов ископ во овој предел тука. Причини има доволно и се надевам свеста ќе надвладее за да се спаси ова парче природа, да се спаси животот на жителите, и во селото и на општина Прилеп, пред сѐ, нивното здравје, а и да се спречи едно незаконско дивеење заради искористување на природните ресурси на овој начин, вели адвокатот Жаре Стеваноски кој ги застапува жителите.

Стеваноски смета дека имаат доволно аргументи, зашто недостасува основна документација во проектот за ископувањето.

-Очекуваме дека Судот ќе ја донесе времената мерка бидејќи отсуствува елементарната документација која треба да ја поседуваат и ЈП ДП и Бехтел и Енка. Тоа се однесува на постоење основни дозволи, лиценци, одобренија, како што е Б-интегрирана еколошка дозвола, елаборат или студија за влијанието врз животната средина, рударски проект во чија основа би започнало минирање и со ископ на теренот. Очигледно е дека досега таква документација не е изготвена пред да почнат работите и затоа се предизвикани штетни последици и за недвижностите и за загадувањето, објаснува Стеваноски.

Жителите и прилепчани кои протестираат речиси два месеци велат дека нема да се откажат.

-Ние не само што се надеваме дека ќе ги заштитите изворите од загадување, единствениот вид пеперутка, животната средина, туку и немаме друг избор. вели Ѓорѓи Георгиески, жител на Прилеп.

Жителот на Оревоец Дејан Ачкоски реагира зашто, вели, незаконски ги снимаат.

-Секој ден наутро нѐ снимаат од компанијата. Тоа е незаконски. Еве, ги поздравуваме и велиме дека ние никому не пречиме, го штитиме тоа што е наше и да биде здрава животната средина, вели Ачкоски.

Протести продолжуваат. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан