• недела, 22 декември 2024

Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“, Катрин Пиц на наградата „Мостови на Струга“ (ДПЛ)

Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“, Катрин Пиц на наградата „Мостови на Струга“ (ДПЛ)

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Поетот Жан Пјер Симеон од Франција е добитник на наградата „Златен венец“ за оваа година, додека пак наградата „Мостови на Струга“ годинава ја освои германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“.

Лауреатите денеска беа прогласени од Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.

Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева во обраќање на прогласувањето на добитниците во МАНУ, посочи дека Жан Пјер Симеон е поет со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски домени.

Како што додаде, Симеон е сестран автор, комплексна и творечка фигура, интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозеист, драмски автор, но и хуманист.

-Поезијата на Симеон за себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција како што е француската, која што ја краси возвишениот идеал на песната, како кралство во кое живее и опстојува убавината на љубовта. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самостојна дидактика на љубовта, посочи Шелева.

Лидија Капушевска Дракулевска, член на Управниот одбор која го објави добитникот на „Мостови на Струга“,  информираше дека на конкурсот пристигнале повеќе од 40 наслови, што е рекорден број до сега.

Таа напомена дека во збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, Катрин Пиц се соочува со својата способност да памети, да држи работи во свои раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнувањето. 

-Катрин Пиц е родена во 1989 година во Маргбург. Таа е германска писателка, преведувачка и инженер. Нејзината прва поетска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“ е објавена во 2022 година. Во неа таа се соочува со својата способност да памети, да држи работи во свои раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнувањето. Опкруженоста со технички структури кои во секој момент можат да престанат да работат или да продолжат да функционираат е уште една тема која се повторува во нејзината поезија. Таа тековно работи на своја втора поетска книга, посочи Капушевска Дракулевска.

Директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски рече дека оваа година ја обновуваат наградата „Млада Струга“ што ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на фестивалот. Тасевски напомена и дека покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ оваа година ќе биде Делегацијата на ЕУ, преку Европска Куќа во Струга - најновата членка на мрежата на Европска Куќа.

Заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау во обраќањето оцени дека Делегацијата на ЕУ е среќна што стана партнер на Струшките вечери на поезијата и што преку Европската куќа во Струга ќе може да придонесе во прославата на моќта на поезијата.

По свеченото прогласување на добитниците во МАНУ, продолжи традиционалното поетско читање на кое настапија истакнати поети - членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети.бт/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан