• четврток, 26 декември 2024

ЕЈФ: Изборот на Трамп за претседател треба да ја охрабри Европа подобро да ги заштити новинарите

ЕЈФ: Изборот на Трамп за претседател треба да ја охрабри Европа подобро да ги заштити новинарите

Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) -  Европската федерација на новинари (ЕФЈ) денеска соопшти дека победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, поради неговата антимедиумска реторика и поврзаноста со сопственикот на мрежата Икс, Илон Маск, е предизвик не само за Американците, туку исто така за европското новинарство и ја повика Европската унија подобро да ги заштити новинарите и слободата на медиумите.

„Непријателската реторика на Доналд Трамп кон новинарите и медиумите не смее да ги охрабри европските влади да ги напуштат своите обврски за обезбедување на безбедноста на новинарите и создавање поволна средина за слободата на изразување, вклучително и слободата на печатот“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.

Во соопштението се наведува дека антимедиумската реторика на Трамп веќе навела многу негови обожаватели, ширум светот и Европа, да им возвратат на медиумите и дека со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, тие ќе добијат уште поголема моќ да ги вознемируваат новинарите.

„Ниту еден новинар не треба да остане рамнодушен на изборот на Доналд Трамп за 47-ми претседател на САД. Неговиот однос кон новинарството и неговиот пристап кон практикувањето на власта ќе имаат глобални последици. Повеќе од кога било досега, во Европа и насекаде во светот , професијата мора цврсто да ги брани моќните медиуми кои можат слободно да известуваат за фактите и безбедно да повикуваат на одговорност“, се вели во соопштението на ЕФЈ.

Во соопштението се потсетува дека Трамп повикал на апсење и силување на новинари кои нема да ги откријат своите извори на информации. зш/

Остани поврзан