• недела, 22 декември 2024

ЕУ позитивно го оцени словенечкиот план за обнова и закрепнување

ЕУ позитивно го оцени словенечкиот план за обнова и закрепнување
Љубљана, 1 јули 2021 (МИА) - Европската комисија позитивно го оцени словенечкиот план за обновување и издржливост, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Словенија, која денеска го презема претседателството со Советот на ЕУ. Фон дер Лајен рече дека Европската комисија даде позитивна оценка на словенечкиот план за закрепнување, вреден 2,5 милијарди евра. „Словенија го презема раководството на ЕУ во момент на пресвртница за нашата Унија. Наш приоритет е брзо закрепнување“, рече фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот на Словенија, Јанез Јанша. На Твитер таа објави дека смета на поддршката на словенечкото претседателство за одобрување на што повеќе национални планови за обнова пред летната пауза. Според планот што денеска го одобри Брисел за Словенија, таа ќе добие 2,5 милијарди евра во следните пет години (1,8 милијарди евра грантови и 705 милиони евра заеми). Словенија се очекува да ги добие првите 231 милион евра на крајот на септември. Во сеопфатен документ, Владата планира, меѓу другото, мерки за заштита од поплави, дигитално заживување на јавната администрација и поевтино домување. Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во Словенија со еврокомесарите по повод преземањето на претседателството на Словенија од Советот на ЕУ. Фон дер Лајен, заедно со премиерот Јанез Јанша, ги посетија здравствените проекти кои се финансираат во рамките на планот за закрепнување на клиниката за детски болести во Љубљана. Претседателката на Европската комисија и еврокомесарите ќе се сретнат и со претседателот на Словенија Борут Пахор и со членови на словенечкиот Парламент, а еднодневната посета ќе заврши на Блед, на премиера на балетот во изведба на Словенечкиот народен театар во Марибор. паг/  

Остани поврзан