• сабота, 13 декември 2025

ЕУ не презема ништо за да ги гони одговорните за трагедијата во Темпи, обвинува Здружението на жртвите од несреќата

ЕУ не презема ништо за да ги гони одговорните за трагедијата во Темпи, обвинува Здружението на жртвите од несреќата

Брисел, 11 декември 2025 (МИА) – Европските институциите треба да застанат во одбрана на приматот на законодавството на ЕУ и да не дозволат одговорните министри за железничката несреќа во Темпи во 2023 година да останат неказнети, порача претседателката на Здружението на жртвите од несреќата, Марија Каристијану.

- Европското јавно обвинителство има должност да ја бара вистината и да ги гони политичарите одговорни за смртта на 57 лица, изјави Каристијану за бриселскиот портал „Еурактив“.

Каристијану, чија ќерка беше меѓу 57-те загинати во несреќата на возот на релација Атина-Солун кај Темпи, бара Обвинителството и неговата шефица Лаура Ковеши да се повикаат на приматот на европското законодавство над националното и да го укинат, како што го нарекува „уставниот штит“ во Грција кој „ги штити министрите од прогон“.

Станува збор за член 86 од Уставот на Грција, кој предвидува дека само Парламентот може да одобри судско гонење на министри. Досегашните такви иницијативи беа рутински отфрлани од парламентарното мнозинство.

- Таа (Ковеши) ги има сите правни алатки на располагање, но не ги користи. Ова ја поткопува довербата на милиони граѓани кои бараат правда, кои не можат да толерираат политичарите сами да одлучуваат дали се виновни или не, изјави Каристијану.

Како причина за несреќата се посочува проблемот со сигнализацијата за пругата, за чија модернизација Грција користела средства во фондовите на ЕУ. Ковеши уште пред несреќата започна истрага за договорот од 2014 година за модернизација на сигнализацијата и далечинското управување на железничката пруга Атина-Солун, но случајот остана без правна разрешница.

Каристијану упати критики и на сметка на Европската комисија, потенцирајќи дека не презела никакви мерки во однос на забелешките на Ковеши за случајот, туку само ги „нотирала“.

- Што ја спречува Комисијата да дејствува решително и да поведе постапка? Дали можеби да има некаква посебна поврзаност со грчката Влада што ги објаснува нејзината неактивност и пропусти?, праша Каристијану.

На барање на „Еурактив“ за коментар на Обвинителство за наводите на Каристијану, било одговорено дека не сакаат да се вклучуваат во „правни дискусии за приматот на правото на ЕУ“.

- Орган одговорен да обезбеди правилно спроведување на правото на ЕУ е Европската комисија, а единствената институција со овластување да го толкува правото на ЕУ е Европскиот суд на правдата. Јавното обвинителство на Европската Унија е одговорно за истражување, гонење и изнесување пред суд на кривични дела против финансиските интереси на ЕУ, се наведува во одговорот на Обвинителството.

Оттаму потврдиле и дека Ковеши уште во јануари 2024 година му пишала на тогашниот еврокомесар за правда Дидие Рејндерс со барање Европската комисија да реагира против „режимот на имунитет“ во Грција, на што по еден месец добила одговор дека случајот е „нотиран“, но не следеле никакви понатамошни чекори.

Од Обвинителството појасниле и дека сè додека не се промени Членот 86 од грчкиот Устав, нивните „раце се врзани“. сп/ми/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан