• петок, 15 ноември 2024

ЕУ загрижена поради усвојување на нацрт-закон во РС, со кој НВО се означуваат како странски агенти

ЕУ загрижена поради усвојување на нацрт-закон во РС, со кој НВО се означуваат како странски агенти

Брисел, 29 септември 2023 (МИА) – Европската унија (ЕУ) изрази сериозна загриженост поради усвојувањето на нацрт-законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации во Народното собрание на Република Српска, со кој невладините организации се означени како „странски агенти“, оценувајќи дека овој закон е во спротивност со европскиот пат на Босна и Херцеговина.

- Конечното усвојување на Законот би било во директна спротивност со заложбите на раководството на РС за напредокот на БиХ кон европската интеграција, особено во однос на клучниот приоритет 11, што е за граѓанското општество, и клучниот приоритет 12, за слободата на изразување и медиумите, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано.

ЕУ ги повикува претставниците на Народното собрание на РС уште еднаш да размислат за предлог-законот.

- Почитувањето на човековите права, слободата на изразување, слободата на медиумите и плурализмот, како и опкружувањето кое им овозможува на граѓанските организации слободно да работат, се клучните столбови на едно демократско општество, нагласи Стано.

Тој додаде дека ЕУ, исто така, го осудува неодамнешното стапување во сила на измените на Кривичниот законик на РС, со кои повторно се воведени кривични санкции за клевета, со што се наметнуваат непотребни и непропорционални ограничувања за независните медиуми и граѓанското општество.

Според него, тоа претставува „разочарувачки и неоспорен голем чекор наназад кога станува збор за заштитата на основните права“.

Народното собрание на Република Српска денеска го усвои нацрт-законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации, така наречениот закон за „странски агенти“.

За предлог-законот гласаа 48 пратеници од партиите на владејачката коалиција предводена од Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), против беа 11 пратеници, а воздржани беа шест пратеници. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан