• вторник, 11 февруари 2025

ЕУ го поздрави изборот на Џозеф Аун за претседател на Либан 

ЕУ го поздрави изборот на Џозеф Аун за претседател на Либан 

Брисел, 10 јануари 2025 (МИА) – Лидерите на Европската Унија упатија честитки до Либан и до Џозеф Аун за неговиот избор за либански претседател. 

- Честитки до Либан за изборот на нов претседател. Тоа е важен чекор кон обновата на силна и суверена либанска држава. Тоа ја отвора можноста за подобра иднина за народот на Либан, наведе претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта во објава на Икс. 

Според него, стабилноста и просперитетот на Либан се од клучно значење за регионот на Блискиот Исток и за Европа, па затоа мора да се зачува прекинот на огнот во конфликтот меѓу Израел и либанското движење Хезболах. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, во честитката оцени дека изборот на Аун за претседател на Либан претставува момент на надеж за Либанците кои можат да се здружат во правец кон изградба на подобра иднина. 

- Сега е отворен патот за стабилност и реформи. Европа го поддржува овој пат, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, исто така, оцени дека изборот на Аун е значаен чекор кој означува момент на надеж. 

- Со нетрпение очекуваме брзо формирање на влада, способна да продолжи со реформски ориентирана агенда, истакна Калас. 

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) соопшти дека Европската Унија срдечно му честита на Аун за неговиот избор за претседател на Либан, потенцирајќи дека овој значаен чекор означува момент на надеж за либанскиот народ. 

- Ги поздравуваме либанските пратеници за постигнатиот широк консензус, демонстрирајќи одговорност. Духот на национално единство е од клучно значење за да се овозможи учество на сите граѓани, во сите компоненти на општеството, да се надминат последиците од неодамнешните конфликти, да се унапредат напорите за реконструкција и да се тргне по патот на политичка стабилизација и социо-економско закрепнување, се наведува во соопштението на ЕЕАС. 

Службата натаму нагласува дека ЕУ ја потврдува својата цврста поддршка за либанскиот народ и со нетрпение го очекуваме брзото формирање на влада со полн капацитет, која ќе биде способна да спроведува реформски ориентирана и напредна агенда.  

- Ова ќе го отвори патот за обновена меѓународна поддршка и за целосна обнова на Партнерството ЕУ-Либан, се додава во соопштението. 

По повеќе неуспешни обиди либанскиот Парламент вчера го избра Џозеф Аун за претседател на државата. Местото претседател на Либан беше празно од октомври 2022 година, кога истече мандатот на дотогашниот шеф на државата Мишел Аун. Инаку, Џозеф и Мишел Аун не се во сродство. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан