ЕУ го осуди насилството за време на изборите во Танзанија, апелираше до властите да ги зачуваат човечките животи
- -Сигурните извештаи за значителен број смртни случаи и сериозни повреди се исклучително загрижувачки. ЕУ ги повикува властите да покажат максимална воздржаност со цел да се спасат човечки животи, рече Калас.
Брисел, 2 ноември 2025 (МИА) - Европската Унија (ЕУ) денеска ги повика властите во Танзанија да „покажат максимална воздржаност со цел да се зачуваат човечките животи“ по уличното насилство во земјата за време на општите избори.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, објави дека ЕУ е „многу загрижена за насилството, исклучувањата на интернетот и извештаите за нерегуларности во изборниот процес на некои места“.
-Сигурните извештаи за значителен број смртни случаи и сериозни повреди се исклучително загрижувачки. ЕУ ги повикува властите да покажат максимална воздржаност со цел да се спасат човечки животи, рече Калас.
Според Брисел, „недостатокот на фер услови во периодот пред изборите беше обележан со извештаи за киднапирања, исчезнувања и насилство што го ограничија граѓанскиот и демократскиот простор“.
ЕУ повика на ослободување на сите притворени политички лидери и транспарентно и фер судење на уапсените, како и на „брза и темелна истрага“ за сите киднапирања, исчезнувања и насилство.
Танзаниската претседателка Самија Сулуху Хасан го освои својот втор мандат со речиси 98 проценти од гласовите по тридневни демонстрации и насилство на улиците во кои (според опозициските лидери, од кои некои се во затвор, а на некои им беше забрането да се кандидираат), загинаа стотици луѓе.
Опозицијата ги нарече парламентарните, локалните и претседателските избори „пародија на демократијата“.сд/
фото:МИА архива