ЕУ ги зајакнува мерките за заштита на својата челична индустрија
- Тие мерки, меѓу другото, предвидуваат ограничување на количеството на челик што може да се увезува во ЕУ без царини, како и укинување на можноста за странските извозници за искористување на неискористени квоти за извоз на други држави.

Брисел, 25 март 2025 (МИА) - Како резултат на зајакнатиот притисок предизвикан од заситеноста на глобалниот пазар на челик, зголемениот извоз од Кина и создавањето трговски бариери на клучните пазари, како американскиот, Европската комисија денеска донесе одлука за заострување на заштитните мерки за челичната индустрија во ЕУ.
Тие мерки, меѓу другото, предвидуваат ограничување на количеството на челик што може да се увезува во ЕУ без царини, како и укинување на можноста за странските извозници за искористување на неискористени квоти за извоз на други држави.
- Заострените мерки ќе создадат „простор за дишење“ на производителите на челик во ЕУ, ќе им овозможат да го зголемат своето производство и со тоа да го вратат изгубениот пазарен удел. Исто така, тие имаат за цел да ја зголемат вработеноста и инвестициите во производството на зелен челик, соопшти ЕК.
Одлуката за зајакнување на заштитните мерки за челикот се базира врз основа на резултатите од истрагата иницирана од 13 земји членки на ЕУ, која утврди дека ситуацијата во челичната индустрија се влошува поради зголемениот увозен притисок и намалената побарувачка.
Најголемиот број од новите мерки ќе стапат во сила на 1 април 2025 година, освен две – за намалување на темпото за либерализација на увозот од 1 на 0,1 отсто и за укинување на можноста за користење на неискористените количини, кои ќе почнат да се применуваат од 1 јули.
Денеска усвоените заштитни мерки за челикот ќе бидат со важност до 30 јуни 2026 година.
Заштитните мерки за челикот Европската комисија ги воведе во 2019 година со цел да ги ублажи економските штети по челичната индустрија во ЕУ предизвикани од трговските ограничувања и зголемениот увоз. сп/
Фото: МИА Архива