ЕУ воведе санкции кон тројца припадници на руската воена единица задолжена за кибер напади
- Советот на ЕУ денеска усвои дополнителни рестриктивни мерки против тројца руски воени офицери одговорни за кибер нападите извршени врз Естонија во 2020 година.
Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) - Советот на ЕУ денеска усвои дополнителни рестриктивни мерки против тројца руски воени офицери одговорни за кибер нападите извршени врз Естонија во 2020 година.
Овие кибер напади им овозможија на хакерите неовластен пристап и кражба на доверливи информации и чувствителни податоци на неколку естонски министерства, вклучувајќи ги и оние за економски прашања и комуникации, социјална политика и надворешни работи. Податоците вклучуваа деловни тајни, здравствени досиеја и други клучни информации со што беше загрозена безбедноста на овие институции.
Тројцата санкционирани се офицери на тајната Единица 29155 на Генералштабот на Вооружените сили на Руската Федерација (ГРУ), која е задолжена за спроведување на кибер напади, атентати и други активности за дестабилизација во Европа, пред се во Украина, и во Африка.
Кон оваа тајната единица ЕУ воведе санкции минатата година согласно режимот за рестриктивни мерки поради дестабилизирачките активности на Русија.
Со тројцата офицери, на т.н. листата на кибер санкции на ЕУ сега се наоѓаат 17 физички лица и четири субјекти. На санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а на правните и физичките лица од блокот им се забранува да им ставаат средства на располагање. Дополнително, санкционираните поединци имаат и забрана за влез во ЕУ.
Како што соопшти Советот, денешната одлука ја потврдува подготвеноста на ЕУ и нејзините земји членки да обезбедат силен и одржлив одговор на постојаните злонамерни кибер активности насочени кон ЕУ, нејзините земји членки и партнери.
- ЕУ и нејзините земји членки ќе продолжат да соработуваат со нашите меѓународни партнери за промовирање на отворен, слободен, стабилен и безбеден кибер простор, се додава во соопштението. сп/
Фото: МИА Архива