• недела, 23 јуни 2024

Еурофарм Пелистер бара поддршка од навивачите на решавачкиот натпревар со Мотор

Еурофарм Пелистер бара поддршка од навивачите на решавачкиот натпревар со Мотор

Битола, 27 февруари 2023 (МИА) – Од таборот на Еурофарм Пелистер ги повикуваат навивачите во голем број да дојдат и да им помогнат на утрешниот натпревар со Мотор Запорожје, клучен за пласман во следната фаза на Европската ракометна лига.

- Ако имаме поддршка како што нормално добиваме во нашата сала, тоа ќе ни биде од голема помош. Се надевам дека луѓето ќе дојдат во вторник и ќе ни дадат поддршка. По враќањето на некои повредени ракометари, добиваме на стабилност. Имаме многу натпревари во овој период, но мора да размислуваме позитивно. Го вративме ритамот, дури и во поразот во Берлин видов добри работи. Одигравме добро, посебно бевме добри при стрпливоста во нападот. Денес работевме некои детали кои ќе ни послужат за вторник, а и заштедив некои ракометари за дуелот против Мотор. Веќе го подготвуваме дуелот против Украинците, ќе биде тешко и сериозно ќе ги сфатиме. Играа добро во последните натпревари, но имам позитивни вибрации за вторник, изјави тренерот на битолчани, Ларс Валтер.

Голманот Урбан Лесјак верува во позитивен исход и продолжување со настапите во Лига Европа.

- Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. 

Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се спремиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка припрема и да играме на победа. 

Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно, смета Лесјак.

Натпреварот Еурофарм Пелистер – Мотор Запорожје ќе се игра утревечер од 18 часот во „Боро Чурлевски“ во Битола. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан