• понеделник, 23 декември 2024

Ернандез ја заврши сезоната и го пропушта Европското првенство

Ернандез ја заврши сезоната и го пропушта Европското првенство

Париз, 2 мај 2024 (МИА) - Песимистичките најави од Париз за жал се остварија - повредата на Лукас Ернандез е таква што ќе мора да го пропушти остатокот од сезоната и Европското првенство во Германија.

Лукас Ернандез се повреди на дуелот со Никлас Филкруг во моментот кога Германецот погоди за, како што се испостави, победата на Борусија над Пари Сен Жермен во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.

Прегледите покажаа дека Ернандез ги повредил предните вкрстени лигаменти на левото колено. Поради ова го чека неколкумесечна пауза.

Во четвртокот попладне, Пари Сен Жермен излезе со соопштение во кое потврди дека Ернандез ќе мора да оди на операција. Французинот поради истата повреда лани ја пропушти целата пролетна полусезона.

-Во текот на денот беше направена магнетна резонанца со која беше потврдена дијагнозата, која во средата вечерта ја потврдија и клупските лекари. Фудбалерот ќе биде опериран во наредните денови, по што ќе биде појасно кога може да се очекува да се врати во тренажниот процес, стои во соопштението на Пари Сен Жермен.

Повредата на Ернандез не е проблем само за ПСЖ, туку и за француската репрезентација која летово ја очекува Европското првенство. Французите се во групата Д со Полска, Холандија и Австрија. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан