• недела, 22 декември 2024

Ердоган ја поздрави одлуката на МСП за Израел

Ердоган ја поздрави одлуката на МСП за Израел

Анкара, 26 јануари 2024 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја поздрави одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП) за привремени мерки за случајот за геноцид против Израел, опишувајќи ги мерките како „вредни“, пренесува Анадолија.

- Сметам дека привремената наредба донесена од Меѓународниот суд на правдата во врска со нехуманите напади во Газа е вредна и ја поздравувам, рече тој.

- Ќе продолжиме да го следиме процесот за да се осигуриме дека воените злосторства извршени врз невините палестински цивили нема да останат неказнети, напиша Ердоган на социјалната платформа X.

Највисокиот суд на Обединетите нации денеска не нареди прекин на огнот во Појасот Газа, но побара од Израел да ги преземе сите мерки за да ги спречи неговите сили да извршат геноцид во палестинската енклава. Процесот против Израел за геноцид го иницира Јужна Африка, која побара од Меѓународниот суд на правдата да му нареди на Израел да ја прекине својата воена операција во Појасот Газа.

- Се надеваме дека оваа одлука, која е обврзувачка за земјите членки на Конвенцијата за геноцид, ќе доведе до крај на нападите на Израел врз жените, децата и постарите лица, додаде Ердоган.

Турција ќе продолжи да работи со сите сили за прекин на огнот, постојан мир и ќе застане со Палестинците, нагласи тој.

Остани поврзан