• четврток, 13 ноември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕПП, СД и РЕ заеднички предлагаат бришење на „македонски идентитет и јазик“ во Извештајот на Вајц за земјава 

ЕПП, СД и РЕ заеднички предлагаат бришење на „македонски идентитет и јазик“ во Извештајот на Вајц за земјава 

Брисел, 3 јули 2025 (МИА) - На надополнетата верзија на извештајот на европратеникот Томас Вајц за земјава, по кој Европскиот парламент би требало да се изјасни на пленарната сесија следната недела во Стразбур, се поднесени вкупно 28 амандмани, меѓу кои и такви со кои се бара бришење на формулациите „македонски идентитет и јазик“ од документот. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со Амандманот 20, поднесен заеднички од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), се предлага бришење на точката Л која гласи „со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“. 

На членот 3 од Извештајот во кој, меѓу другото, се говори за потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ, се повикува на брз напредок во пристапните преговори и се истакнува важноста на усвојувањето на уставните амандмани, тројцата европратеници во име на нивните групи предлагаат и Амандман 21 за бришење на делот од текстот која гласи: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“. 

Халицки, Ван Бремпт и Барна предлагаат и Амандман 22 со кој се бара бришење на почетниот дел од членот 7 кој гласи: „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор;...“. 

Авторот на извештајот Томас Вајц со Амандман 18 предлага вметнување на нова точка Л-а по точката Л, која би гласела: „со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“. 

Вајц, кој припаѓа на групата на Зелените, исто така, предлага и Амандман 19 за вметнување нов член 7-а, кој гласи: „Го признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитет; нагласува дека неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања влијаат врз проценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија кон пристапувањето во ЕУ, кој останува заснован на Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи, и во согласност со критериумите договорени во заклучоците на Советот од јули 2022 година“. 

Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од редовите на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) предлага три амандмани (11, 12 и 13) со кои се предвидува вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“ во точката Л и членовите 3 и 7. 

Инаку точката Л: „со оглед на тоа што ЕУ постојано го докажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“ не постоеше во првичната верзија на Предлог-извештајот на Вајц, туку беше дополнително вметната преку амандмани. 

Во Членот 3, пак, во однос на првичната верзија е вметнат текстот: „... го повикува Европскиот совет јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за премин во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет;....“.  

Членот 7, кој гласи „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“, воопшто не постоеше во првичната верзија на Предлог-извештајот, туку беше дополнително вклучен како содржина под тој број. сп/са/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан