• недела, 22 декември 2024

ЕПП предлага помош за автомобилскиот сектор во ЕУ преку „олабавување“ на целите за намалување на емисиите на ЦО2 

ЕПП предлага помош за автомобилскиот сектор во ЕУ преку „олабавување“ на целите за намалување на емисиите на ЦО2 

Брисел, 11 декември 2024 (МИА) – Европската народна партија (ЕПП) ќе предложи мерки за помош на европската автомобилска индустрија, која се соочува со намалена побарувачка, особено за електрични автомобили, и со зголемена конкуренција од Кина. 

Мерките што ги предлага ЕПП, предвидуваат избегнување на казните за автомобилската индустријата поради непочитување на сегашните правила на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (ЦО2), кои според Европското здружението на производители на автомобили (AЦEA) во 2025 година би можеле да достигнат и до 16,7 милијарди евра. 

Иако првично се предвидуваше и двегодишно одложување на остварувањето на целта за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од автомобилската индустрија за 15 отсто до 2025 година, во конечниот предлог на ЕПП се бара само „проценка на усогласеноста со целите за период од три години“, со што компаниите би избегнале плаќање казни доколку продолжат со темпото на остварување на климатските цели во следните години. 

ЕПП смета дека при одредувањето на казните треба да се земат предвид напорите и инвестициите што компаниите веќе ги презеле во претходните години во насока на остварување на климатските цели. 

Според „Еуроактив“, овие предлози, чија конечна верзија се очекува ЕПП да ја усвои денеска, се во согласност со компромисот што минатиот месец го предложи германскиот министер за економија Роберт Хабек, за преиспитување на плановите за намалување емисиите на јаглерод диоксид во следните години, на тој начин што климатските цели би останале непроменети, а автомобилската индустрија „не би морала да плаќа милијарди евра казни во услови кога се наоѓа во тешка ситуација“. 

Покрај ова се предлага и „корекција“ на целта за забрана на продажба на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. 

- Треба да се препознае значењето на алтернативните горива, вклучувајќи ги и е-горивата, биогоривата и обновливите или синтетичките горива преку обезбедување експлицитни исклучоци, придружени со други мерки како што е воведувањето „фактор за корекција на јаглеродот“, предлага ЕПП. 

„Факторот за корекција на јаглеродот“, кој беше предлаган и во законот за емисиите на штетни гасови од камионите, би требало да овозможи продажбата на автомобили со бензински или дизел мотори со внатрешно согорување да продолжи и по 2035 година, во зависност од уделот на алтернативни горива во целокупната мешавина на горивото што тие го користат. 

Покрај ова, со предлогот се предвидува и поедноставување на регулативата на Унијата, зајакнување на инфраструктурата за наплата, склучување повеќе договори за слободна трговија на ЕУ со трети земји, како и зајакнување на финансирањето на истражувањето и развојот во автомобилскиот сектор. 

Претседателот на АЦЕА и извршен директор на „Рено“, Лука де Мео вчера изјави дека европската автомобилска индустрија е во „многу деликатна фаза“ во услови кога „веќе 20 години го губи теренот поради глобалната конкуренција“. 

- Регулаторниот пристап на Европа на некој начин не става во неповолна положба, рече Де Мео, оценувајќи дека на ЕУ и недостига „холистичкиот пристап“, кој САД и Кина би го обезбедиле за нивните автомобилски индустрии. 

Според него, европската регулатива за стандардите за емисии на јаглерод диоксид е само еден пример како ЕУ „си пука во нога“, бидејќи производителите на автомобили во 2025 година ќе треба да одвојат средства за потенцијални казни за непочитување на предвидените климатски цели, кои би можеле да ги инвестираат во иновации. 

Де Мео додаде дека во исто време европската автомобилска индустрија до 2030 година ќе треба да се усогласува со „по 8 до 12 нови регулативи годишно“, за што ќе мора да одвои „до 25 отсто од своите ресурси за истражување и развој“, со цел тие трошоци да не паднат на товар на потрошувачите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан