Енрике: Ова е историска сезона за ПСЖ
- Главниот тренер на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, изјави дека тимот пишува историја откако го победи Интер Мајами со 4-0 во осминафиналето на Светското клупско првенство.
Шарлот, 30 јуни 2025 (МИА) - Главниот тренер на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, изјави дека тимот пишува историја откако го победи Интер Мајами со 4-0 во осминафиналето на Светското клупско првенство.
Францускиот тим, кој веќе ја освои титулата во Лига 1, Купот на Франција и Лигата на шампионите, се приближува кон комплетирање на совршена сезона, триумфирајќи и во првенството кое се одржува во САД.
-Ова е историска сезона за нашиот клуб и имаме намера да продолжиме да пишуваме историја во ова натпреварување, изјави поранешниот тренер на Барселона, Луис Енрике, на прес-конференција.
Соединувањето со поранешните „каталонски“ играчи, Лионел Меси и тренерот на Мајами, Хавиер Маскерано - двајцата клучни фигури за време на престојот на Енрике на „Камп Ноу“ помеѓу 2014 и 2017 година, додаде емотивни моменти на натпреварот.
-Беше многу посебен натпревар бидејќи се сретнав со луѓе кои ми се многу важни, луѓе со кои споделувавме успеси и неуспеси, рече 55-годишниот Шпанец.
На прашањето дали би сакал повторно да го тренира Меси во Европа, тој одговори дека тоа би било прашање за Аргентинецот.
-Сите ги видовме неговите квалитети како фудбалер и тој сè уште ги има. Многу е тешко да се игра против таков играч. Беше тешко, но верувам дека како тим завршивме навистина одлична работа, додаде Енрике. дс
Фото: Архива