• сабота, 18 јануари 2025

Енергетската соработка во фокусот на разговорите на Битиќи и Франкојанис

Енергетската соработка во фокусот на разговорите на Битиќи и Франкојанис
Атина, 12 ноември 2020 (МИА) –  Енергетското поврзување на Северна Македонија и Грција, како и енергетската соработка меѓу двете земји биле темите за кои денеска, преку видеоконференција, разговарале заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и заменик-шефот на грчката дипломатија Костас Франкојанис, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштуваат дека на видеоконференцијата биле опфатени прашањата за енергетска интерконекција помеѓу Грција и Северна Македонија, вклучувајќи го снабдувањето со природен гас и нафта. -Господинот Франкојанис, меѓу другото, ги истакна придобивките на ниво на економијата, животната средина и безбедноста на енергетското планирање, од поблиската соработка на двете страни. Во иста насока, заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија, господинот Битиќи, меѓу другото, истакна дека неговото учеството во конкретната видеоконференција и учеството на министрите за економија и животна средина ја покажуваат волјата на Владата на Северна Македонија за брз напредок, соопштуваат од грчкото МНР. На состанокот, присуствувале и министрите за економија и животна средина на Северна Македонија Крешник Бектеши и Насер Нуредини, генералната секретарка во Министерството за енергија во надлежното грчко Министерство, како и високи претставници од Националниот оператор за природен гас на Грција и од „Хеленик петролеум“. Денешните разговори доаѓаат по средбите на двете страни во текот на септември. Првата за време на посетата на премиерот Заев во Атина, а кусо подоцна во Солун, за време на тркалезната маса посветена на регионалната енергетска безбедност и соработка. ср/сст/

Остани поврзан