• четврток, 04 декември 2025

Ел Сиси: Палестинците имаат право на самоопределување, единствено исправно е решение за две држави

Ел Сиси: Палестинците имаат право на самоопределување, единствено исправно е решение за две држави

Шарм ел-Шеик, 13 октомври 2025 (МИА) – Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси денеска на мировниот самит за Газа во Шарм ел-Шеик изјави дека светот е сведок на „историски момент“. Тој изрази надеж дека новиот договор за Газа ќе го означи крајот на „болното поглавје во историјата на човештвото“, нагласувајќи дека Палестинците имаат право на самоопределување и дека само решението за две држави ќе ги исполни аспирациите на двата народа и ќе обезбеди мир.

„Безбедноста на народот не се постигнува само со воени средства, мирот е наш стратешки избор“, рече египетскиот претседател и нагласи дека палестинскиот народ има право да одлучува за својата судбина и да ужива во слободата, објави Ал Џезира.

Ел-Сиси нагласи дека мирот не може да се гради само од владите, туку и од народите и ги повика граѓаните на Израел да подадат рака кон мирот.

Зборувајќи за следните чекори, тој најави дека во наредните денови ќе бидат поставени заеднички темели за реконструкција на Појасот Газа, велејќи дека „регионот се соочува со единствена историска можност за воспоставување стабилен Блиски Исток“.

„Се стремиме кон Блиски Исток без оружје за масовно уништување“, додаде Ел-Сиси, нагласувајќи дека спроведувањето на договорот за Газа е клучно за постигнување решение за две држави и подобра регионална соработка, пренесува Танјуг.

На крајот од својот говор, Ел-Сиси им се заблагодари на САД, Катар и Турција за учеството или посредништвото во мировните преговори за Газа. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан