• сабота, 23 ноември 2024

ЕК почна со мониторинг на владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ

ЕК почна со мониторинг на владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ

Брисел, 30 септември 2020 (МИА) - Европската Комисија ги објави првите извештаи за состојбата со владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ, со цел промовирање на „култура на правната држава“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија првпат ќе ги набљудува и своите земји членки, а не само земјите кандидати и партнери.

Извештаите се фокусираат на четири клучни аспекти поврзани за владеењето на правото: правосудните системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и институционалните механизми за демократски надзор.

Иако нема ништо што не и е познато веќе на јавноста во содржината на овие извештаи, целта, смета Европската Комисија, е да се има сеопфатен преглед на состојбата во сите земји членки на Унијата.

- Овие извештаи ќе бидат корисни за разговорите, ќе ни овозможат да преземеме нов чекор во промоцијата на културата на правната држава, и треба да се разгледаат темелно. Секогаш сум сметал дека не треба да се ограничиме само на некои земји-членки, туку треба сите да бидат еднакви, ако владеењето на правото не се почитува во ЕУ, како може ЕУ да биде кредибилна кога зборува за своите вредности пред земјите кандидати, изјави еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.

За Европската Комисија владеењето на правото е темелот врз кој почива Европската Унија и може да го загрози нејзиното постоење.

Прашањето за владеењето на правото се појави откако ситуацијата значајно се влоши во Унгарија и во Полска, но ЕУ не успеваше до сега да изнајде начин да се справи со прашањето без да предизвика тензии со Будимпешта и Варшава.

Германското претседателство кое до крајот на оваа година раководи со ЕУ ќе организира две дебати за владеењето на правото во ЕУ. Во октомври ќе се одржи општа хоризонтална дебата, а во ноември ќе бидат разгледани специфичните препораки земја по земја. тм/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан