ЕК покрена истрага околу преземањето на поранешен „Баер Матириал“ од страна на компанија од ОАЕ
- Истрагата е покрената поради прелиминарните оценки дека субвенциите доделени на АДНОЦ од страна Обединетите Арапски Емирати би можеле „да го нарушат внатрешниот пазар на ЕУ“.
Брисел, 28 јули 2025 (МИА) - Европската комисија започна истрага со цел да утврди дали преземањето на германската хемиска индустрија „Ковестро“ (поранешен „Баер Матириал“) од страна на „Националната нафтена компанија на Абу Даби“ (АДНОЦ) е во согласност со Регулативата за странски субвенции на ЕУ.
Истрагата е покрената поради прелиминарните оценки дека субвенциите доделени на АДНОЦ од страна Обединетите Арапски Емирати би можеле „да го нарушат внатрешниот пазар на ЕУ“.
АДНОК е државна компанија за производство на нафта и гас со седиште во Абу Даби, кој е еден од емиратите во ОАЕ, а „Ковестро“ е производител на полимери, пред се полиуретан и поликарбонат, со седиште во германскиот град Леверкузен.
Договорот за купување на „Ковестро“ од страна на АДНОЦ за 14,7 милијарди евра беше обелоденет на 1 октомври 2024 година.
Еврокомисијата изразува загриженост дека АДНОЦ се довел во можност да го купи „Ковестро“ благодарение на државни субвенции од ОАЕ, при „финансиски услови што не би биле во согласност со пазарните услови и кои не би можеле да бидат исполнети од несубвенционирани инвеститори“.
Комисијата, исто така, смета дека со помош на државни субвенции АДНОЦ би можела да спроведува инвестициски стратегии, кои би ги загрозиле конкурентските услови на внатрешниот пазар на ЕУ.
Целта на истрагата е да утврди дали АДНОЦ благодарение на државните субвенции бил во позиција да понуди „невообичаено висока цена и други поволни услови“ за купување на „Ковестро“, со што „ги одвратил другите инвеститори од давање понуди“. Истрагата, исто така, треба да утврди и дали исплаќањето субвенции од ОАЕ може да има негативни ефекти врз внатрешниот европски пазар.
Комисијата сега има рок до 2 декември 2025 година да ја заврши истрагата и да донесе конечна одлука околу законитоста на купопродажбата.
Согласно Регулативата за странски субвенции на ЕУ, која се применува од 12 јули 2023 година, при секое преземање, компаниите мора да ја известат ЕК дали на некоја од нив во последните три години и биле доделени субвенции од држава што не е членка на Унијата во износ од најмалку 50 милиони евра. сп/са/
Фото: МИА Архива