• вторник, 05 ноември 2024

ЕК: Бугарија сама решава како ќе ги користи приходите од таксите за транзит на рускиот гас 

ЕК: Бугарија сама решава како ќе ги користи приходите од таксите за транзит на рускиот гас 

Брисел, 1 ноември 2023 (МИА) - Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија, изјави портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија Тим Мекфи. 

- Таксите што ги наплаќа Бугарија за транзит на рускиот гас за Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа право на Бугарија е да одлучи каде ќе ги насочи овие приходите, изјави Мекфи, потсетувајќи дека во 11-те пакет-мерки што ЕУ ги воведе против Русија, во делот на енергенсите санкции се предвидени само за нафтата и јагленот, но не и за гасот. 

Бугарија на 13 октомври воведе такса за транзит на рускиот гас низ нејзина територија во висина од 10 евра за мегават час, од која очекува годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра, средства кои, како што најави минатата недела бугарскиот премиер Николај Денков, би можеле директно да завршат во Буџетот на ЕУ. 

Воведувањето на таксата предизвика реакции во Белград и Будимпешта кои тврдат дека таа ќе резултира со поскапување на рускиот гас за 20 отсто за крајните корисници, додека Софија потенцира дека плаќањето на давачката на е обврска на земјите до кои се дистрибуира енергенсот, туку на добавувачот, руската компанија „Газпром“.  

Софија очекува првите приходи од новата такса да се најдат на нејзината сметка на 14 ноември, но некои бугарски енергетски експерти изразуваат сомнеж дека земјата воопшто ќе добие некакви средства. Експертот Калојан Стајков за „Еурактив“ изјави дека гасоводот преку кој транзитира гасот „тешко дека ќе може да се оквалификува како руски, бидејќи поврзува неколку извори“ на енергенсот. 

„Газпром“ досега не се изјасни за новата енергетска такса и не е познато дали има намера да ја плаќа. Бугарскиот министер за финансии Асен Василев минатата недела изјави дека доколку „Газпром“ одбие да ја плаќа таксата ќе биде запленети неговите финансиски гаранции на договорите во Бугарија, а може да се соочи со конфискување на имот во земјата. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан