• четврток, 26 декември 2024

Екстремно загадената пакистанска провинција Пенџаб ги ограничи активностите на отворено

Екстремно загадената пакистанска провинција Пенџаб ги ограничи активностите на отворено

Лахоре, 11 ноемвреи 2024 (МИА) - Пакистанската провинција Пенџаб ги забрани повеќето активности на отворено, додека продавниците, пазарите и трговските центри во некои области од денеска добија наредба да работат пократко за да се борат со болестите предизвикани од интензивното загадување на воздухот, јавија британските медиуми. 

Поради загадувањето од денеска до 17 ноември веќе се затворени образовните институции и јавните простори во многу места, како што се парковите и зоолошките градини, а меѓу нив е и Лахоре, најзагадениот град во светот во однос на квалитетот на воздухот, наведува швајцарската веб-страница IQAir.

Окрузите Лахоре, Мултан, Фаисалабад и Гујранвала забележаа голем пораст на бројот на пациенти со респираторни заболувања, соопшти владата на Пенџаб. 

Новите ограничувања објавени денеска ќе останат во сила до 17 ноември. 

„Ширењето на конјунктивитис /розово око поради бактериска или вирусна инфекција, чад, изложеност на прашина или хемикалии претставува сериозна и непосредна закана за јавното здравје“, соопшти владата на Пенџаб. 

Додека активностите на отворено се забранети, вклучувајќи спортски настани, изложби и фестивали, како и посета на ресторани, „неопходните верски обреди“ се изземени од ова, се наведува во наредбата. 

На сличен начин, од нарачката се изземени аптеките, магацините за масло, млекарниците и продавниците за овошје и зеленчук кои можат да работат до 20 часот. 

Квалитетот на воздухот во Лахоре и денеска е оценет како опасен, покажуваат податоците на веб-страницата IQAir. 

УНИЦЕФ повика на поголеми напори за намалување на загадувањето и заштита на здравјето на децата во Пенџаб, наведувајќи дека повеќе од 11 милиони деца на возраст под пет години се изложени на ризик од дишење токсичен воздух.

„Покрај тоа, училиштата во областите погодени од смог се затворени... образованието за речиси 16 милиони деца во Пенџаб е нарушено“, рече претставникот на УНИЦЕФ во Пакистан, Абдула Фадил. 

За ваквото загадување Пенџаб ја обвини Индија, чии северни делови се борат со загадениот воздух, и најави дека ќе иницира решавање на проблемот со соседната земја, преку нејзиното Министерство за надворешни работи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан