• петок, 22 ноември 2024

Екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен освои тројца сенатори во францускиот Сенат

Екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен освои тројца сенатори во францускиот Сенат

Париз, 25 септември 2023 (МИА) - Централнодесничарската Републиканска партија во Франција го задржа мнозинството во Сенатот по вчерашните дополнителни избори на кои екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен освои тројца сенатори.

„Оваа сенаторска обнова го зајакнува сенаторското мнозинство на десницата и центарот и е сведоштво за нејзините територијални корени“, рече Џерард Ларшер, лидерот на републиканците и претседател на Сенатот.

Францускиот Сенат го избираат градоначалниците, како и регионалните, департменските и општинските советници. На овие избори беа избрани половина од 348-те сенаторски места.

Како што пренесуваат француските медиуми, изборот на екстремно десничарски сенатори е задоцнет одраз на силните резултати на партијата на Марин Ле Пен на локалните избори. Националниот митинг на Марин Ле Пен се очекуваше да направи нов пробив во Сенатот, но трите сенаторски места за таа партија ги надминаа очекувањата.

Единствениот висок функционер на француската влада што учествуваше на изборите, државниот секретар за државјанство Соња Бакес, беше поразена во Нова Каледонија.

Сенатот има помало влијание во носењето закони од Националното собрание, долниот дом на францускиот Парламент. Во случај на несогласување околу законот, последниот збор го има Народното собрание.

Партијата Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон останува најголемата партија во Долниот дом, но го загуби апсолутното мнозинство во јуни минатата година, давајќи им на сенаторите поголема тежина секогаш кога е потребен компромис со Горниот дом за усвојување закони.

Локалната власт во Франција генерално е контролирана од традиционално доминантните политички партии како што се Републиканците и Социјалистичката партија. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан