• петок, 22 ноември 2024

Експерти од Народната банка предавачи на 49. регионален курс за главните аспекти на меѓународната економска агенда за земјите од Источна Европа

Експерти од Народната банка предавачи на 49. регионален курс за главните аспекти на меѓународната економска агенда за земјите од Источна Европа

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Народната банка, како општествено одговорна институција, се придржува до својата стратегиска определба за вложување во едукацијата и професионалната надградба на економските кадри во земјата и во регионот. За таа цел, и оваа година се вклучи со своја експертиза во 49. регионален курс за главните аспекти на меѓународната економска агенда за земјите од Источна Европа организиран од Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) и Економскиот факултет во Скопје, којшто се одржува деновиве.

Учеството на Курсот организиран од УНКТАД во соработка со Факултетот е во рамките на спроведувањето на Меморандумот за соработка склучен помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со којшто се обезбедува простор за поголем придонес на Народната банка во образовниот процес и во едуцирањето на идните и на постојните кадри.

Kурсот којшто е од меѓународен карактер е посветен на врските помеѓу меѓународната трговија, инвестициите и финансиите, во контекст на унапредувањето на регионалните трговски договори, како и осмислувањето и воведувањето нови, подобрени развојни економски политики.

Како што се наведува во соопштението, Народната банка даде свој придонес во делот на курсот посветен на мултилатералниот трговски систем и носењето на трговската политика. Експертките од Народната банка, Дијана Јаневска-Стефанова, самостојна советничка и Весна Стојчевска, раководителка на Отсекот за движења во надворешниот сектор од Дирекцијата за монетарна политика и истражување, одржаа одделна сесија којашто беше посветена на економската интеграција на земјите од Источна Европа во форма на размена на стоки со странство и директни инвестиции, анализирајќи ги минатите и актуелните трендови.

На оваа сесија, вниманието беше насочено кон динамиката и промената на географската насока и производната структурата на надворешната трговија кај земјите во Источна Европа, поделени во три посебни групи земји (балтичките земји, земјите од Централна и Југоисточна Европа и земјите од Западен Балкан), во последните три декади. Во вториот дел беа разгледани динамиката и структурата на директните инвестиции во земјите од овој регион, како и нивното влијание врз трговската структура. Исто така, посебно се обработија трговските и инвестициските врски на македонската економија и прашањето дали и колку забележаните промени соодветствуваат со искуствата на останатите земји од анализираниот регион, но и влијанието на последните настани од светското економско окружување врз нив, се посочува во соопштението од Народната банка. ев/

Остани поврзан