• четврток, 19 март 2026

Еко кампања „Твојата грижа за планетата вреди х2“ – двојни поени за рециклирање во Македонска Каменица

Еко кампања „Твојата грижа за планетата вреди х2“ – двојни поени за рециклирање во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 18 март 2026 (МИА) -  По повод 18 март – Глобалниот ден на рециклирањето, Рудник САСА, во соработка со Друштвото за управување со отпад „Пакомак“ и Општина Македонска Каменица, ја започна општествено-одговорната еко кампања „Твојата грижа за планетата вреди х2“.

Иницијативата има за цел да го поттикне рециклирањето и да ја унапреди еколошката свест кај вработените и жителите на Македонска Каменица. Кампањата ќе трае до 22 април – Денот на планетата Земја, период во кој за секое одложено пластично шише или лименка во повратните вендинг машини ќе се доделуваат двојно повеќе „зелени поени“.

Како што информираат организаторите, повратни вендинг машини се поставени на три локации – во рамки на рудникот САСА и во Македонска Каменица, а собраните поени граѓаните ќе можат да ги искористат за различни придобивки, меѓу кои ваучери за попусти во маркети или донации.

 

Целта на кампањата е да се мотивираат граѓа ните активно да се вклучат во рециклирањето, со што ќе придонесат кон намалување на пластичниот отпад и заштита на животната средина.

– Заштитата на животната средина е составен дел од нашите долгорочни заложби и одговорност кон заедницата. Со кампањата „Твојата грижа за планетата вреди х2“ сакаме на едноставен и практичен начин да ги поттикнеме луѓето да се вклучат во рециклирањето и да покажеме дека секоја иницијатива може да има значајно позитивно влијание врз природата, изјави Марија Стојановска, раководител на Службата за заштита на животната средина.

Од Рудник САСА посочуваат дека и во изминатите години континуирано реализираат еко иницијативи во партнерство со локалната заедница, училиштата и граѓанските организации, со цел подигнување на еколошката свест и поттикнување на одговорен однос кон природата.

Кампањата е дел од пошироките активности на компанијата насочени кон заштита на животната средина, одржлив развој и унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница. вс/ 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан