• петок, 22 ноември 2024

Еко-свест: Предлог стратегијата за минерални суровини е дилема помеѓу екстензивно рударство и одржлива економска трансформација

Еко-свест: Предлог стратегијата за минерални суровини е дилема помеѓу екстензивно рударство и одржлива економска трансформација

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Првата нацрт верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025-2045 не ги обединува принципите за одржлив развој на земјата од причина што ги истакнува економските придобивки на експлоатација на нашите минерални богатства и во голема мера не ги утврдува негативните еколошки и социо-економски влијанија поврзани со развојот на рударската индустрија, велат од невладината Еко-свест.

Потсетуваат дека Министерството за економија во соработка со Македонската академија на науките и уметностите е во процес на изработка на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025-2045 и додаваат дека на втората работилница посветена на изработката на Стратегијата одржана вчера во МАНУ Еко-свест ги презентираше ставовите на граѓанскиот сектор за првата нацрт верзија.

-Нацрт верзијата се заснова на визија што во себе ја вклучува фразата „одржливо искористување и заштита на животната средина“, но во Стратегијата овие аспекти се маргинализирани. Нашиот став е дека токму овие аспекти треба посуштински да бидат опфатени во конкретните цели и активностите на документот. Во оваа насока, Еко-свест достави писмени коментари на Нацрт-стратегијата и ги презентираше пред тимот што го изработува документот, како и пред претставниците од засегнатите локални заедници и бизнис заедницата, изјави вчера Симона Трајковска од Еко-свест.

Една од главните забелешки кон нацрт текстот на Стратегијата, додаваат од Еко-свест, беше недоволната усогласеност со глобалните цели за трансформација на општеството во насока на намалување на влијанијата од климатските промени, пред сѐ преку циркуларно искористување на материјалите и суровините. Дополнително, на Стратегијата во сегашната форма и недостасува соодветна корелација со други постојни национални стратегии и закони, и тоа најмногу во идентификувањето на еколошките и социо-економски влијанија настанати од искористувањето и експлоатацијата на минералните суровини.

-Искористувањето на минералните суровини е примарно економска активност, но таа е комплексна бидејќи може негативно да влијае на водите, почвата, воздухот, природата, јавното здравје, при што како дејност може во целост да го промени начинот на живеење на локалното население каде што се врши експлоатација. Слабата примена на законодавството од областа на животната средина резултира со неодржлива експлоатација на минералните суровини и затоа Стратегијата треба да се усогласи со останатите национални стратегии и планови кои предвидуваат меѓу-секторска координација и да се зачуваат овие необновливи минерални богатства, рече Трајковска на работилницата.

Од Еко-свест велат дека создавањето на општество и економија која на оптимален начин ги користи природните ресурси во согласност со начелата за заштита на животната средина е сериозен предизвик и подразбира силна меѓу-секторска координација на различни политики. Стратегијата мора да се насочи кон промоција на одржлив развој кој ќе ги зачува природните вредности, ќе ја намали сиромаштијата и ќе понуди алтернативи што нема да го забават економскиот раст и истовремено нема да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби. Ова пред сѐ ќе се постигне со воведување процедури за суштинско консултирање со засегнатите страни, како и обезбедување силни механизми за спречување на понатамошни негативни влијанија врз животната средина.

-Стратегијата во финалната форма мора да даде поголем фокус на националните приоритети во овој сектор и помалку да се надоврзува на потребите на ЕУ за снабдување на критични минерали. Ние веќе имаме последици од историската експлоатација на минерални суровини во форма на отворени деградирани земјишта што повеќе децении ја загадуваат нашата околина. Стратегијата треба да вклучи конкретни мерки за ремедијација и пренамена на овие неискористени загадени земјишта во капацитети за производство на енергија од обновливи извори, дополни Елена Николовска од Еко-свест.

Еко-свест официјално ги достави своите забелешки по нацрт Стратегијата и очекува нивно прифаќање од страна на изготвувачите.вј/са/

Фото: Еко-свест

Остани поврзан