• четврток, 26 март 2026

,,Ековита" : Прв пријавен сомнеж за труење на стадо со отровен инвазивен плевел 

,,Ековита

Неготино, 12 септември 2025 (МИА) - Прв пријавен сомнеж за труење на стадо со отровен инвазивен плевел евидентираше регионалниот еколошки центар ,,Ековита" што работи на еко проблеми, информираше попладнево Сашко Тодоров, претседател на овој центар што работи години наназад на еколошка проблематика.  

- Пред неколку месеци информиравме за ширење на отровниот плевел Solanum elaeagnifolium или сребренолисен зрнец,
 што го има на неколку локации во државата. Првично го детектиравме во гевгелиско, неготинско и кавадаречко, потоа во велешко и струмичко, сега од фармер во штипско веќе имаме пријава за можно труење на неговото стадо. Се работи за отровен плевел што преку растенијата за исхрана, протнувајќи се меѓу нив, може да ги загрози животните, а преку нив и луѓето, додаде Тодоров. 

Тој го раскажа и искуството на сточарот што имал непријатно искуство со овој плевел, за кој тие како здружение, се залагаат за евидентирање на неговите жаришта и искоренување со стручни методи.  

За околу половина час откако ги пуштил во нивата, полна со плевелот, што изгледа убаво и како цвеќе па мами погледи и некои си го нодсат и дома, за во вазна или да го продадат, забележал чудно однесување кај околу десетина животни, од кои едно угинало. Тој додал дека минатата година плевелот се среќавал на многу мали површини, додека оваа година бил значително раширен.

- Извесен период работиме на оваа проблематика, во рамките на проект со кој сакаме да ја подигнеме свеста за инвазивните растенија меѓу кои и ова и да пренесеме стручни информации за справување, со помош на научните совети од универзитетски професор. На фармерот му беше објаснето дека Solanum elaeagnifolium е најверојатната причина за симптомите и му беа дадени инструкции во иднина да избегнува ниви и пасишта со видливи жаришта. Извршивме теренски увид, беа констатирани густи жаришта по рабови на ниви и пасишта, истакна Тодоров. 

Тој нагласи дека проблемот со ширењето на плевелот мора да го контролираат. 

- Фармерот извести дека лани плевелите биле на мали површини, а годинава биле многу раширени. Ако ги оставиме, ќе се прошират на уште поголеми површини и ќе ги ограничат пасиштата во овој регион. Затоа се неопходни итни мерки за контрола, изјави Кристина Тодорова, дипл. инж. агроном, координатор на ,,Ековита".

Од здружението дадоа и итни препораки за фармери и сточари. Да ги оградат или издвојат животните од површини со видлив плевел, да не ги пуштаат на паша на жаришта. 

- Да не носат и не мешаат контаминирана биомаса во сено/силажа, плодовите-бобинки (растението има виолетови цветови и жолто-портокалови бобинки при зреење) се висок ризик поради семето. При механичко вадење, да  користат ракавици и вреќи, да не распрскуваат зрели бобинки. При симптоми на труење — веднаш да  повикаат ветеринар и да ги известат општинските служби или нашето здружение. Да пријавуваат нови локации, појаснија од еко центарот. 

Оттаму предупредија исто така да се внимава со складираната жетва од жариштата,  немој случајно во ожнеаното жито, во сламата, да има остатоци од ова растение, што се скриена опасност за животните, а преку нив и за луѓето. 

Притоа упатија и апел до институциите. 

- Координирана контрола на жариштата (механичко отстранување пред плодоносење, управување со патни рабови и наводнителни канали). Привремена забрана за паша на ризични површини до санација. Јавна информативна кампања за препознавање на растението, токсичните ризици и безбедно постапување. Бидејќи станува збор за инвазивен плевел со токсични гликоалкалоиди и агресивно ширење преку коренови делови и семе. Ризикот за сточниот фонд е најголем при цветање и плодоносење, кога материјалот лесно завршува во храна или при паша, подвлекоа од здружението. свд/

Фото ,,Ековита"

Остани поврзан